Голема и важна победа на македонските ракометарки против Исланд

Фото: Филип Вирановски / gol.mk

Успешен е стартот на нашата најдобра женска репрезентација во квалификациите за учество во баражот за настап на следното Светско првенство.

Денеска во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје селекцијата на Македонија успеа да го совлада со конечен резултат 24:17 (11:8) во рамките од квалификациската група „2“.

Загрижувачки беше почетокот на мечот кога Исланѓанките стекнаа висока позитива од 3:7, но потоа следуваше цврстата и поангажирана одбрана од домаќинот. Тоа го принуди ривалот да прави грешки, тоа се искористи со серија од 5:0 за минимално водство од 8:7.

Исланд успеа да израмни на 8:8, а потоа до паузата постигнаме уште три гола во серија за солидни „плус три“ на семафорот. И почетокот на вториот дел не го започнавме најдобро, му дозволивме на противникот да израмни, и повторно да поведе овојпат со 13:12.

Не се дозволи пад на концентрацијата, се слушаа сите инструкции од селекторот Симовски во текот на целиот меч, тоа резултираше со сигурна и паметна игра повторно во дефанзивниот дел, за уште поефективен напад.

Клучниот период се случи кога при 15:15 се направи нова серија на погодоци (5:1), Ристовска, Гичевска и Ѓорѓиевска кога беше најпотребно ја тресеа исландската мрежа. Толку беше добра нашата одбрана, што во второто полувреме прими „само“ девет голови.

Најрасположена за голови беше десното крило Ристовска со 11 голови, додека десниот бек Ѓорѓиевска запиша шест. Значаен придонес имаше и голманот Серафимова со девет одбрани.

Со овие бодови нашата репрезентација се најде на чекор од учество во мундијалскиот бараж, следниот дуел ќе го има веќе утре (17.00 часот) против Литванија, а в недела ривал е Грција. Вечерва од 19.00 часот ќе се игра и вториот натпревар од првото коло, Грција се соочува со Литванија.

Фото: Филип Вирановски/gol.mk

Видео на денот