Ѓоковиќ прв финалист на Вимблдон

Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ се наоѓа на само едно скалило од одбраната на титулата во Вимблдон откако во полуфиналето го совлада Шпанецот Роберто Баутиста Агут со 3:1  во сетови и тоа 6:2,4;6,6:3,6:2. Ова ќе биде шесто финале за Ѓоковиќ на Вимблдон или вкупно 25 гран слем финале во кое ќе ја брка 16. титула.

Српскиот тенисер не дозволи по трет пат по ред да загуби од Баутиста Агут и за 2 часа и 48 минути успеа да го совлада шпанскиот тенисер.
Ѓоковиќ одлично го започна дуелот, доминираше од основната линија во првиот сет во кој успеа да направи два брејка за убедливи 6:2. Но во вториот сет, Шпанецот заигра далку подобро, направи брејк на стартот од сетот и успеа да ја сочува предноста до крајот и на најдобар начин го искористи падот во играта на противникот.

Во третиот сет, кога се одлучуваше победникот, пресуди искуството на првиот рекет на АТП ранг листата, направи брејк во шестиот гем за водство од 4:2 и рутински го приведе сетот до крајот, а во ист ритам продолжи во четвриот  сет кој го реши во своја корист со 6:2.

На крајот и статистиката беше на страната на Ѓоковиќ, тој имаше 42 винери и 23 неизнудени грешки, додека Баутиста Агут имаше 34 винери и 30 неизнудени грешки.

Противникот на Ѓоковиќ во финалето ќе биде познат по одиграњето на второто полуфинале помеѓу Надал и Федерер кои по јубилеен 40. пат ќе играат еден против друг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот