Ѓоковиќ никогаш нема да биде популарен како Рожер и Рафа

Американската телевизија „Си-Ен-Ен“ посвети големо внимание на начинот на кој Новак Ѓоковиќ по петти пат го крена шампионскиот пехар на Вимблдон, откако во финалето го совлада Рожер Федерер во пет сетови.

„Новак Ѓоковиќ беше речиси незабележителен во поголемиот дел од Вимблдон поради сè што се случуваше на турнирот. Но, Србинот сега го привлече вниманието, по победата над Рожер Федерер во возбудливото и историско финале. Спаси две меч топки и го победи попупарниот Швајцарец со 7:6,1:6,7:6,4:6,13:12 за четири часа и 57 минути, во најдолгото финале во историјата на Вимблдон. И како го прослави петтиот трофеј на Вимблдон? Како што секогаш прави, ја вкуси тревата“.

Со овие зборови започнува извештајот на „Си-Ен-Ен“ од финалето на најголемиот тениски турнир чиј наслов гласи „Ѓоковиќ спаси меч топки и го победи Федерер во историското финале на Вимблдон“.

„Тоа беше првпат во последниот петти сет на Вимблдон да се игра тај брејк во финалето, кој беше воведен откако минатата година Џон Иснер и Кевин Андерсон играа дури седум часа во полуфиналето. Ѓоковиќ спаси две меч топки и тоа на сервис на Федерер при водство од 8:7 во петтиот сет, со што го продолжи кошмарот на Швајцарецот да не ги реализира меч топките на свој сервис и во финалињата на УС Опен во 2010 и 2011 година. Федерер може да се лути на самиот себе бидејќи можеше да победи во три сета, во некои моменти од финалето, Ѓоковиќ не личеше на себе.

Со освојувањето на 16. гран слем титула, Ѓоковиќ дојде на само четири трофеи помалку од Федерер. На врвот на листата, Федерер има 20 гран слем титули, Рафаел Надал 18, додека Ѓоковиќ има 16 трофеи но се очекуваат големи промени во наредните две години. Како што стојат работите, Ѓоковиќ ќе биде голем фаворит на идните гран слем турнири, а згора на тоа и времето е на негова страна, Федерер има 37 години, пет повеќе од Ѓоковиќ.

„Можеби никогаш нема да биде популарен како Федерер или Надал, а Ѓоковиќ го иритира тоа што не добива толку љубов и респект од навивачите за време на натпреварите, но ги победуваше Федерер и Надал кога беше потребно“, стои во извештајот на „Си-Ен-Ен“.

Бекер: Разбудете се

Легендата на светскиот тенис, Борис Бекер, ги критикуваше навивачите кои го следеа финалето поради пристрасното навивање. Речиси сите 14.000 фанови на централниот терен беа на страната на Федерер, бурно ги прославуваа неговите поени, а се радуваа и на грешките на Ѓоковиќ.

– Публиката која се радуваше на неговите промашувања и навиваше за Федерер го поттикна Новак да се бори во петтиот сет. Малку се налути, дури и гледаше во некои навивачи, но беше ментално подготвен за ова. Мора да го почитувате петкратниот шампион. Нормално дека Федерер и најголемиот во историјата на Вимблдон и имате право да го сакате, но Новак мора да го почитувате. Се надевам дека, доколку играат и наредната година публиката ќе биде покоректна – изјави Бекер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот