Ѓоковиќ на мета на криминалците: Го користат за финансиски измами

EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Првиот тенисер на АТП ранг листата, Новак Ѓоковиќ, е злоупотребен од страна на измамници кои со лажно интервју се обидуваат да заработат.

На интернет сајтот „дејлирепортс“ чија цел е промовирање на дигиталната валута биткоин, се појави измислено интервју со Новак Ѓоковиќ во кое освојувачот на 17. грен слем титули ги повикува луѓето, пред се во Србија да вложуваат во биткоин за да се збогатат преку ноќ.

Измамниците кои го направиле лажното интервју во текстот напишале дека Ѓоковиќ гостувал во емисија на српската телевизија Пинк и на која наводно рекол дека биткоинот му е главниот начин за заработување на пари.

– Мојот главен начин за заработка е новата програма на автоматско тргување со криптовалутите наречена „Биткоин ера“. Тоа е најдобра можност за добра заработка во кратко време. Ги повикувам сите да пробаат пред банките да го угасат овој систем – гласи измислената изјава на Новак Ѓоковиќ.

Но измамата тука не запира и Ѓоковиќ наводно покажал на својот телефон за колку го зголемил своето богатство.

– Можеби сте скептични бидејќи звучи премногу добро за да биде вистинито. Мило ми е што пробав бидејќи тоа беше најголема и најлесна заработка до која некогаш сум дошол. Зборувам за дневна пасивна заработка која изнесува десетици илјади динари. Тоа е најбрз начин моментно да заработите, но тоа нема долго да трае бидјеќи се повеќе луѓе ќе го откриваат и банките ќе го угасат засекогаш – наводно рекол Ѓоковиќ.

Според сајтот „дејлирепортс“ Народната банка на Србија побарала емитувањето на интервјуто да се прекине но било предоцна. На споменатиот сајт има уште неколку приказни од анонимни луѓе кои заработиле сериозни суми на пари.

Нормално ова е измислено интервју бидејќи досега во своите јавни настапи Новак Ѓоковиќ никогаш не ги споменувал биткоините, а тој е првиот тенисер кој ја проби бариерата од 100 милиони долари заработени од награди од тениските турнири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот