Ѓоковиќ ќе ја заврши годината на врвот на АТП листата!

фото: EPA-EFE/JASON SZENES

Новак Ѓоковиќ ќе ја заврши 2020 година на првото место на АТП, соопшти денеска Здружението на професионални тенисери. Српскиот тенисер се израмни со рекордот на Американецот Пит Сампрас, кој исто така ја завршуваше сезоната шест пати (1993-1998 година) како прв тенисер во светот.

Ноле беше шест пати прв на крајот на годината во последната деценија (2011, 2012, 2014, 2015, 2018, 2020), а како 33-годишник е најстариот тенисер кој ја завршил годината на врвот на светската ранг-листа.

– Ги гледав настапите на Пит додека растев и израмнувањето на неговиот рекорд е остварување на сонот. Исто така, ќе се стремам да бидам подобар играч, се надевам дека ќе имам повеќе успеси и ќе соборам повеќе рекорди во спортот кој го сакам со сето срце – рече Ѓоковиќ, се наведува на веб-страницата на АТП.

Ова е 10 пат во последните 11 години како прв тенисер на светот годината да ја заврши или Ѓоковиќ или Шпанецот Рафаел Надал. Британецот Енди Мареј беше најдобар во 2016 година.

Ѓоковиќ ќе ја започне 294 недела на првото место на АТП-листата в понеделник, а доколку ја задржи таа позиција, на 8 март 2021 година, ќе биде рекордер и ќе го престигне Швајцарецот Рожер Федерер кој беше на врвот вкупно 310 недели.

Годинава оствари 39 победи и претрпе три порази. Ѓоковиќ во првите 26 мечеви од сезоната ги освои титулите на „Австралија опен“, во Дубаи, Синсинати и Рим, како и АТП-купот со репрезентацијата на Србија. Тој исто така беше финалист на „Ролан Гарос“.

Според најавите ќе настапи годинава ќе настапи и на завршниот АТП турнир, кој ќе се одржи од 15 до 22 ноември во Лондон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот