Ѓоковиќ и Надал со ВИП авион заедно пристигнаа во Австралија
Двајцата најдобри тенисери веќе се наоѓаат во карантин во Аделаида.
Првиот и вториот тенисер на АТП ранг листата, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал пристигнаа во Австралија каде ги чека 14-дневен карантин, а потоа и настап на егзибицијата во Аделаида, АТП Купот и на крајот Австралија Опен.
Ѓоковиќ и Надал во Аделаида пристигнаа со чартер лет од Барселона кој го обезбеди организаторот на Австралија опен, а покрај нив беше и третиот светски тенисер, Доминик Тим.
„По застанувањето во Барселона пред мене е долго патување и тука покрај мојот тим се и некои тениски ѕвезди, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал се во авионот. Нормално тука е и мојот спаринг партнер Даниел Новак“, откри Тим на социјалните мрежи.
Ѓоковиќ, Надал и Тим патуваа заедно бидејќи откако ќе поминат 14. дена во карантин ќе учествуваат на егзибиција во Аделаида на 29. и 30. јануари, а тука ќе бидат и трите најдобри тенисерки.
Според здравствените протоколи, сите тенисери кога ќе пристигнат во Австралија, со автобуси ќе бидат одвезени во карантин. Пред хотелите каде ќе бидат сместени тенисерите и тенисерките се наоѓа полиција како и санитарна инспекција која ги дезинфикува играчите по доаѓањето во хотелот.