Ѓоковиќ деновите во карантин нема да ги помине во Мелбурн туку во друг град во Австралија
Неочекувана одлука на организаторот на Австралија Опен.
Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Доминик Тим кај мажите како и Симона Халеп и Ешли Барти кај дамите, задолжителниот двонеделен карантин по доаѓањето во Австралија нема да го поминат во Мелбурн каде ќе се игра грен слем турнирот и АТП купот, туку во Аделаида во сојузната држава Јужна Австралија.
Оваа вест ја објави директорот на Австралија Опен, Крег Тили кој објасни најдобрите тројца тенисери на АТП ранг листата како и двете најдобри тенисерки на ВТА, ќе бидат во карантин во Аделаида бидејќи имаат обврски во овој град. Имено, планирано е во овој град да се одиграат егзибициски мечеви пред тенисерите да се преселат во Мелбург.
– Баравме од владата на Јужна Австралија да обезбедиме карантин за околу 50 лица, но не беа заинересирани. Но, кога пристигнавме да разговараме за егзибициите, тогаш ни рекоа да. Избравме на егзибициите кои ќе се одржат на 29. и 30. јануари да бидат топ три тенисери и тенисерки – објасни Тили.
Правилата за карантин во Аделаида ќе бидат идентични како и тие в оМелбурн, тенисерите и тенисерките ќе смеат да бидат надвор од хотелот само за време на тренинзите.
По завршувањето на егзибициските мечеви, тенисерите и тенисерките на 31. јануари ќе се преселат во Мелбурн, но нема да бидат во карантин во овој град.