Ѓоковиќ без тренинг до нова титула на „Австралија опен“!?
По повредата која ја доживеа против Американецот Тејлор Фриц, Новак Ѓоковиќ стисна заби и забележа веројатно две неочекувани победи, со оглед на околностите.
Најдобриот тенисер на светот на „Австралија опен“ во Мелбурн прво го совлада Милош Раониќ, а потоа Александер Зверев во четвртфиналето, обајцата во четири сета, а сега откри уште еден дел од својата стратегија.
Секако, сите се заинтересирани за состојбата на неговата повреда, па по победата против Зверев, српскиот ас зборуваше и за тоа:
– Опоравувањето е мој приоритет. Да користам што е можно повеќе време за опоравување и да не трошам премногу енергија. Не можам да направам ненадејни движења, па така нема ни во среда да тренирам! Никогаш не сум имал ваква повреда за време на грен слем турнир. Само се обидувам да одам чекор по чекор. Позитивната работа е што, од мечот против Фриц, се чувствував најдобро од вториот сет. Тоа значи дека тргнав во добра насока и се надевам дека ќе останам ист за два дена. Сакам да продолжам со мојата рутина и подготовка. Мислам дека не морам да тренирам или работам на што било. Имам доволно тенис во последно време, јас сум во ритам – рече Ѓоковиќ.
В четврток во полуфиналето ќе се сретне со Русинот Аслан Карацев, а дуелот треба да започне во 09.30 часот по средноевропско време. Втората полуфинална двојка ќе ја дознаеме утре после мечевите Рубљов-Медведев и Циципас-Надал.