Годишнина од терористичкиот напад на Хамас врз Израел: Од новите фронтови не се гледа мир на хоризонтот
Денес, една година подоцна, по десетици илјади уништени човечки животи и многу повеќе судбини, по милион раселени луѓе и веројатно исто толку испукани проектили, гранати и рафали, сѐ е уништено, а најмногу Газа
Во таа, веќе „далечна“, 2023 година, Израелците масовно протестираа против плановите на премиерот Бенјамин Нетанјаху за длабоки и широки судски реформи што на владата би ѝ дале целосна контрола врз одлуките на Врховниот суд. Позицијата на Нетанјаху на чело на најдесничарската влада во историјата на Израел, беше сериозно разнишана.
Дипломатите, пак, со посредство од Вашингтон, ги привршуваа последните детали од договорот за нормализирање на односите со Саудиска Арабија, кој, ако беше потпишан, ќе имаше историско значење за стабилизација на Блискиот Исток. Војниците и офицерите беа во касарните и на полигоните, но и меѓу демонстрантите, гласно протестирајќи против планираните судски реформи.
Денес, една година подоцна, по десетици илјади уништени човечки животи и многу повеќе судбини, по милион раселени луѓе и веројатно исто толку испукани проектили, гранати и рафали, сѐ е уништено. Најмногу Газа, со квартови и населби буквално срамнети со земја, па и јужен Либан, но уништени се и чувството на безбедност на Израелците, регионалната стабилност и мировните планови. Уништени, до висок степен, се и Хамас и Хезболах, како и митот дека заканите од Техеран или притисоците од Вашингтон може да ги спречат офанзивните намери на Израел.
Побезбедна е само позицијата на Нетанјаху, како политички лидер што командува операции на најмалку три фронта, што му дава сила да им пркоси на меѓународните закони и притисоци и да бие политички битки со најголемиот стратегиски сојузник.
Масакрите на Хамас
Утрото на 7 октомври Израел го претрпе најужасниот напад во своето постоење. Терористи на Хамас од Газа ненадејно и масовно ја пробија оградата на границата и првиот круг од израелската одбрана и тргнаа во убиствен поход, масакрирајќи стотици војници и цивили, дури и луѓе што се собрале на фестивал.
Терористите се вратија во Газа откако зад себе оставија тела на 815 израелски цивили и 380 припадници на силите за безбедност. Меѓу вкупно 1.195 убиени луѓе имаше и 36 деца, најмалото на возраст од десет месеци. Убиени беа 260 млади луѓе што биле на музичкиот фестивал кај кибуцот Реим, а во Беери биле масакрирани повеќе од сто луѓе.
Назад со себе во Газа терористите одвлекоа 251 заложник, за да ги користат како жив штит при очекуваната одмаздничка акција, како и заради размена со палестински затвореници. До крајот на август, живи во Израел се вратија 117 од заложниците. Вкупно 105 беа разменети за палестински затвореници спроти единствениот прекин на огнот, четворица безусловно беа пуштени, а израелските сили ослободија осуммина. На Израел му беа предадени телата на 37 луѓе што загинале или умреле во заложништво, меѓу нив и тројца што загинале од „пријателски оган“.
Фронт во Газа
По првичниот шок од бруталноста и дрскоста на нападот на Хамас, Израел возврати со безмилосно гранатирање позиции на милитантите во Газа, како подготовка за копнената офанзива. Премиерот Нетанјаху гласно објави дека операцијата нема да запре додека не бидат исполнети главните цели – ослободување на сите заложници, но и целосно уништување на Хамас, не само на капацитетите за напади врз Израел. Во таа операција најмногу страдаа цивили, како никогаш порано.
За нецела година беа убиени повеќе од 41.000 Палестинци во Газа. Тешко може да се утврди колкумина од нив биле членови на Хамас или терористи, но огромно мнозинство од жртвите се цивили. Една половина, односно околу 20.000 од жртвите, се деца и жени. Сите луѓе во Газа, вкупно околу 2,3 милиони, беа блокирани од сите страни како во огромен затвор, во кој долго време беа спречувани да влезат конвои дури ни со основни производи – храна, вода или лекови.
Уништувани беа тунелите што милитантите ги користеле како засолништа и во кои криеја заложници, но израелските сили немаа милост ни за болници полни со пациенти или училишта полни со раселени лица, под кои Хамас прикриле командни штабови. Целите за напад ги идентификувал и ги избирал „Хабсора“, софтвер со вештачка интелигенција.
Напредувањето на тенковите и на пешадијата од северот кон југот, населба по населба, принудно расели повеќе од 2 милиони луѓе. Многумина од нив се преселиле повеќе пати, но никаде не биле безбедни. До почетокот на 2024 година беа уништени или оштетени една половина од куќите во цела Газа, најмалку една третина од шумите и обработливото земјиште, стотици културни и историски места, десетина гробишта, речиси сите училишта, универзитети и болници.
Меѓународниот суд на правдата разгледува дали Израел извршил геноцид во Газа. Обединетите нации предложија низа резолуции за запирање на нападите и повици за примирје, но сите беа блокирани со вето од САД, кои во исто време му даваа голема воена помош на Израел.
Огнот запре само една недела, од 24 ноември до 1 декември, што беше искористено за размена на заложници и затвореници и за доставување хуманитарна помош до гладните и раселени цивили.
Фронт во Либан
Паралелно со офанзивата во Газа, Израел внимателно се подготвувал за војна на втор фронт против проиранската група Хезболах, која во знак на поддршка и солидарност со Палестинците речиси секојдневно стрелаше ракети од своите позиции во јужен Либан кон населби во северниот дел на Израел.
Подготовките почнале уште во април или мај, кога на борците и на командантите на Хезболах им била доставена нова пратка од илјадници пејџери и воки-токи, во кои биле скриени експлозив и детонатор. Бомбите во уредите за комуникација беа колективно активирани четири месеци подоцна, при што во експлозии насекаде низ Либан беа убиени или осакатени стотици луѓе, но и Хезболах остана без основен систем за комуникација.
Следуваа жестоки бомбардирања на стратегиски цели, а неколку денови подоцна и копнена офанзива, за која израелските генерали упорно тврдат дека е „строго ограничена и локализирана“, со цел да се уништи капацитетот на Хезболах да стрела ракети и проектили кон населби во северниот дел на Израел. Неколку дена пред копнениот напад, Нетанјаху меѓу главните цели на воените операции го додаде и „безбедното враќање на раселените Израелци во своите домови во северниот дел на земјата“.
Во прецизни напади, во меѓувреме, беа ликвидирани и врховните лидери на Хамас и на Хезболах. Исмаил Ханије, лидерот на Хамас, беше ликвидиран со проектил во Техеран, откако му изрази почит на загинатиот ирански претседател и кога беше висок и строго обезбедуван гостин на Исламската Република.
Лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, пак, беше убиен со бомба што го погоди неговото засолниште во Либан. Ликвидирани беа уште неколкумина високи команданти на палестинската и на проиранската милиција.
Фронт со Иран
Иран не успеа да се потврди како заштитник на овие групи. Сѐ што можеше да направи раководството во Техеран беа два баражи со проектили кон Израел.
Во првиот во април, како реакција на уништувањето на ирански конзулат во Дамаск во Сирија, беа истрелани речиси 300 проектили, но огромното мнозинство беа пресретнати и уништени од напредните системи за противвоздушна одбрана, кои во исто време може да следат и по 1.100 цели.
Во вториот одмазднички напад, пак, пред една недела, Иран истрела 180 проектили кон Израел, но повторно речиси сите беа соборени. Израелците беа навремено предупредени и засолнети, а од шрапнели од уништените проектили полесно биле повредени две лица.
Затоа денес, само една година подоцна, тие мирни денови пред крвавиот 7 октомври се чинат многу далечни, па и недостижни во скоро време, зашто многумина само нагаѓаат и прогнозираат, но никој не знае дали војните на Израел со своите противници ќе се продлабочат и ќе се прошират или, пак, ненадејно ќе запрат, пред да бидат исполнети целите што ги декларираше Нетанјаху.
Со иранскиот бараж проектили и со израелската закана за возвраќање практично веќе е отворен и третиот фронт, по оние во Газа и во Либан.
Многу нешта ќе зависат од односот на Нетанјаху со идниот претседател на САД, кој и да биде избран. Израелскиот премиер сега повторно има најголема поддршка во земјата, по рекордно ниската од 7 октомври лани, а секоја нова офанзива го поткрева неговиот рејтинг – следствено и неговата моќ. Но, се очекува оружјето да стивне ако Вашингтон многу порешително од сега побара огнот да запре.