Години на мрмотот

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Се сеќавате на оној филм „Денот на мрмотот“ со Бил Мјуреј, каде што тој игра некаков вообразен, егоцентричен ТВ-водител, кому секој ден му се повторува одново и одново, сè додека не ја „одигра“ својата животна улога исправно, човечки, како што доликува? Е, токму такво чувство има деновиве човек во Македонија, само што кај нас не се во прашање денови, туку години на мрмотот. Тие се вртат во круг, со сите детали, а ние никако да ја разбиеме „магијата“, па текот на времето да продолжи по својата (претпоставена) линеарна патека.

На крајот на минатата недела мислевме дека халуцинираме кога директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски одби да прими 35 „рамковни“ вработени, затоа што немале соодветни квалификации, имале дипломи од неакредитирани факултети, или сакале да работат канцелариска, а не теренска работа. Можел да прими 12, кои се соодветни, ама остатокот не. И тоа јавно, јасно и гласно го кажа како конечна одлука, принципиелна, и во согласност со законите, и од неа не отстапува по цена да биде сменет од функцијата.

Во голем дел од јавноста неговиот гест наиде на силна поддршка, а многумина се прекрстивме со лева, велејќи си, добро е, ќе нѐ биде. Македонија не е веќе автократска вукојебина, има луѓе со професионален и личен интегритет, кои знаат да кажат ова може, ова не, „инаф ис инаф“. Сигнал дека државата зрее на демократски план, дуваат нови ветришта, европски.

Арно ама, премиерот Зоран Заев, му порача на Пауновски дека побарал од службите да ги испитаат можностите (читај, да му најдат „рачка“) за тој да биде разрешен! Иако го нарече негов пријател, се пожали дека многу бил гласен, давал изјави, а не му „кревал телефон“ и му порача дека нема да трпи таков „пркос“!? Сите останавме стаписани, која година е ова? Зарем не поминаа години на шарена револуција, прислушувачки афери, падни стани избори, крвав четврток, чуда-врагови, токму за да излеземе од матрицата во која беше збришан секаков поим за „пркос“, а работите се решаваа со „кревање телефон“? Зарем пак дојдовме до моментот на „тефтерчињата“, „вриштење-пиштење“, „токмаци у глава“ против кои толку трици изедовме? Зарем повторно се будиме, како Бил, во истиот зафрлен град во Пенсилванија, и треба да снимаме здодевна репортажа за тоа каква зима ќе ни прогнозира мрмотот? Не, некој нека нѐ разбуди од овој кошмар!

И како тоа да не беше доста, другиот ден гледаме протест „за ослободување на уставобранителите“, кои токму за спомнатиот крвав четврток сега одлежуваат долгогодишни затворски казни. Тие не биле терористи, биле патриоти, биле наместени, го бранеле поредокот, не тепале никого, никогаш северна, само Македонија! Токму тие што секогаш креваа телефони, секогаш беа кај што ќе им се рече и правеа што ќе им се рече, не прашувајќи се дали е исправно или погрешно. И гледаме пароли, слушаме изјави, ги гледаме истите ликови, со истите реплики, и сфаќаме – луѓе, времето стои, застанало, не мрда! И нѐ удира мислата – овие луѓе, и тие од власта, и тие од опозицијата, не учат ниту од своите ниту од туѓите грешки! А кој одбива да учи, ќе повторува, па така сите со нив повторуваме, се вртиме во кругот на „годините на мрмотот“ без надеж дека ќе продолжиме некогаш некаде, кон нешто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот