Годинава загинале 104 новинари, повеќе од половина во Газа
Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ), во својот најнов извештај објави дека во 2024 година во светот се убиени 104 новинари, мнозинството од нив загинати во појасот Газа.
„2024 е една од најлошите години“, изјави генералниот секретар на ИФЈ, Антони Беланже.
Досега најмногу регистрирани смртни случаи на новинари имало во 2023 година, кога бројот на загинати достигнал 129.
Според ИФЈ, од почетокот на оваа година биле убиени 55 палестински медиумски работници.
Од почетокот на војната помеѓу Израел и Палестина, на 7 октомври 2023 година, бројот на убиени палестински новинари е најмалку 138, што оваа територија ја маркира како една од најопасните во историјата на модерното новинарство, по Ирак, Мексико и Филипини, информираат од ИФЈ.
Втора најопасна област за новинарите е Азиско-пацифичкиот регион, со 20 смртни случаи, вклучувајќи шест напади во Пакистан, пет во Бангладеш и три во Индија.
Во Европа, Украина е сè уште најопасна земја за новинарите, каде четворица од нив загинаа во 2024 година.