Годинава скопјани ќе добијат нови паркови, градинки и детски игралишта?!

EPA-EFE
Градинките ги отворија вратите за децата / Скопје, 9 септември 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Изградба на нови детски градинки, доградба и проширување основни училишта, нов базен, нова водоводна и канализациска мрежа, уредување нови зелени површини и изградба на нови и реконструкција на веќе постојните детски игралишта. Ова се само дел од низата амбициозни проекти кои се најавуваат дека ќе бидат реализирани во општините Аеродром, Ѓорче Петров и Карпош.

Од Општина Аеродром велат дека годинава интензивно ќе работат на подигање нови зелени површини, сѐ со цел подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопје.

– Приоритет на работата на Општина Аеродром и во 2021 година ќе биде заштитата на животната средина, со цел создавање чиста и одржлива средина што ќе овозможи квалитетни услови за живот за сите граѓани. Оваа година ќе ја реализираме доградбата на 4 нови училници во ООУ „Лазо Ангеловски“, со што конечно ќе се укине третата смена за учениците, а ќе биде доградена и детската градинка „Црвенкапа“ во стар Аеродром, со што ќе се зголеми капацитетот на згрижување деца – информираат од Општина Аеродром.

Оттаму велат и дека ја започнале постапката за изградба на нова општинска административна зграда.

– Наскоро ќе почне реконструкцијата на амбулантата во населбата Лисиче и изградбата на Домот на спортовите со помош на Владата, а во напредна фаза е и изградбата на новиот објект на училиштето „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче, кој ќе биде готов наесен – информираат од оваа скопска општина.

Од Општина Капрош, пак, најавуваат реконструкција на повеќе улици. За оваа година е планирана санација на улиците „Париска“, „Иван Аговски“, „Гиго Михајловски“, „Шекспирова“ и „Мирка Гинова“.

– Градот веќе почна со работа на булеварот „Никола Карев“ (делот од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин Поток), а во овој дел ќе имаме и кружен тек, со што значително ќе се намали метежот. А  наскоро започнуваат и активностите за изведба на новиот мост од улицата „Љубљанска“ (Карпош 4) преку Вардар до клучката кај Бардовци (проект на Град Скопје) – вели градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

Богоев за оваа година очекува да започне и реконструкцијата на салата „Партизан“.

– Очекувам да почне реконструкцијата на салата „Партизан“ (во соработка со Агенцијата за млади и спорт), да го завршиме паркот со Град Скопје (кај бунарите до реката Лепенец) и да започнеме со реконструкција на плочникот во Порта Влае. Секако, дека ќе имаме и други проекти по сите населби, но овие би ги одвоил како покрупни, на чија реализација инсистирам – вели Богоев.

Од Општина Ѓорче Петров, пак, најавуваат изградба на нов базен и нова детска градинка на нивна територија.

– Волково за првпат ќе добие градинка. Градежните работи се одвиваат со одлично темпо. Базенот во Ѓорче веќе не е само идеја, туку проект кој се реализира во дворот на ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“. Потпишан е договор за доградба на подрачното ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром. Потпишан е и договор за доградба на ООУ „Тихомир Милошевски“ во Ново Село. Продолжуваме со асфалтирање, поставување на водоводна и канализациона мрежа. Еднакво важни ни се и образованието, спортот, културата, социјалата, животната средина – децидни се од оваа скопска општина.

И покрај фактот што минатата година ја одбележа пандемијата на коронавирусот, која беше причина за стагнирање на работата на институциите кај нас, сепак, општинарите тврдат дека, и покрај тешкотиите со кои се соочувале, сепак, исполниле голем дел од ветените проекти за изминатата 2020 година.

Како капитални проекти кои ги реализирале на територија на својата општина, од Општина Ѓорче Петров ги издвојуваат изградбата на спортската сала во основното училиште во Волково и комплетно новиот систем на автоматско ЛЕД осветлување.

– За помалку од една година успеавме да поставиме 3.250 нови ЛЕД-светилки низ цела општина. Разликата е очигледна. Граѓаните ги чувствуваат придобивките, зголемена е  безбедноста и видливоста. Намалени се потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и емисијата на CO2 во атмосферата, а зголемена е ефикасноста при отстранување на дефекти на системот – велат од Општина Ѓорче Петров.

Од Општина Карпош за свој најуспешен проект реализиран во 2020 година ја издвојуваат изведбата на спортско-рекреативниот центар во рамките на ООУ „Лазо Трповски“ во Карпош 3.

– Целосно се промени ликот на еден руиниран простор и сега имаме уредено зеленило на 11.000 м2. Тука имаме засадено десетици дрвја, нова тревна површина со систем за наводнување, а направивме и спортски игралишта за фудбал, кошарка и ракомет. Исто така, поставена е и нова фитнес-зона и детско игралиште – велат од Општина Карпош.

Од Општина Аеродром велат дека изминатата 2020 година поминала во  знакот на изградба на нови паркови во Аеродром.

– Ги издвојуваме новите паркови Мичурин и Бојмија во населбата Острово, како и просторот во Мичурин кај Железничката станица, некогашна депонија, кој заедно со Град Скопје го претворивме во прекрасен парк. Исто така обновивме и реконструиравме 20 спортски и детски игралишта – велат од Општина Аеродром.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот