Годинава ја почнуваме многу поразлично од лани: Повисоки плати, помали даноци, поскапи возила…

фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Многу законски измени се донесоа во пoследните денови од старата година, во трката да „се фати последниот воз“ пред техничката влада, а многу законски решенија се вратија по старо.

Годинава почнува со зголемени плати и пензии, со подобрена царинска регулатива во однос на електронската трговија, со поголеми придонеси за пензиско и здравствено осигурување, со продолжена борба против сивата економија што ја вклучува наградната игра „Мој ДДВ, моја награда“, со враќање на старото решение во однос на персоналниот данок…

Многу законски измени се донесоа во последните денови од старата година, во трката да „се фати последниот воз“ пред техничката влада, а многу законски решенија ретерираа, односно се вратија по старо.

Кој ќе добие повисока плата?

Повеќе од 320.000 пензионери од овој месец ќе добијат за 700 денари повисоки пензии, зголемување од 10 проценти има и за 32.000 вработени во образованието и науката, а повисоки плати од 5 до 25 отсто има за речиси 13.000 доктори и медицински сестри.

Во јануари повисоки плати има и за оние кои примаат минимална плата, затоа што најмал загарантиран износ на платата место досегашните 12.500 денари е 14.500 денари.

Повисоки плати имаат и оние чии работодавачи користат субвенции за придонесите. Со ноемвриската плата оваа мерка е искористена за 44.940 работници кои во просек добија зголемување на платите од 4.100 денари. Се очекува годинава да се зголеми бројот на работниците што земаат поголема плата, благодарение на државното субвенционирање на придонесите, за што за годинава се издвоени 39 милиони евра од Буџетот.

Со зголемените плати ќе има и повеќе пари во пензискиот и во здравствениот фонд. Но, од оваа година се зголемени и придонесите по скромно 0,1 проценти. Така, стапката на пензискиот придонес е 18,5 отсто, а минатата година беше 18,4 отсто, додека, пак, стапката за задолжително здравствено осигурување се зголеми од 7,4 отсто, на 7,5 отсто.

Старите возила поскапуваат, роамингот поевтинува

Владата на една од последните лански седница ја донесе Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила. Износот на оданочувањето зависи од тоа колку увезеното возило загадува. Електричните автомобили се изземени од данокот, за хибридните возила се плаќа само половина од износот. Според образложението на министерката за финансии Нина Ангеловска, данокот за увезено возило кое чини 10.000 евра и емитува 130 грама јаглерод диоксид на километар, а е со бензински мотор, изнесува 6.500 денари. Ако возилото е со истите карактеристики, но со дизел мотор, данокот ќе биде двојно повисок, 13.000 денари.

Сегашните бројки упатуваат на тоа дека 82 проценти од набавуваните возила се половни, а само 18 проценти се нови возила. Просечната старост на возилата во Македонија пак, е 18 години.

Што се однесува пак, до телефонските услуги, годинава се намалува цената на роамингот. Станува збор за втората фаза од договорот за намалување на роамингот во регионот, потпишан меѓу Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија, Албанија и Косово. Цените на роаминг услугите се намалуваат од 9 проценти до 35 проценти. Начинот на пресметување на надоместоците за роаминг се менува така што сите корисници ќе плаќаат за роаминг по принцип што подразбира збир на домашната цена (тековно платена во домашен сообраќај) и такси за роаминг.

Полесно со долговите

Годинава почнува и со отпис на камати за стари долгови, но и со најава за помали трошоци за присилно извршување.

Ќе се отпишуваат и каматите за неплатени сметки во јавните комунални претпријатија од 2011  година, односно за вода, домување и паркинг, но не и за струја, телефон, парно греење.

По силниот притисок на јавноста во однос на извршителите, во последните денови од декември, Министерството за правда најави дека предлага нов тарифник според кој се предвидува намалување на наградата при извршување на парични побарувања од граѓани од 1.000 на 300 евра.

Враќање на стари законски решенија

Годинава не важи законот што беше донесен на крајот од 2018 година за персоналниот данок на доход. Ова значи дека се врати рамниот данок од 10 отсто, односно нема поголема даночна стапка за оние што остваруваат месечни приходи поголеми од 90.000 денари, или повеќе од 1.000.000 денари годишно, данокот за закупнини веќе не 15 отсто, туку е 10 отсто, се одложува и данокот за добиените камати за депозити.

Што се однесува до плаќањето во кеш, наместо до 500 евра, сега во готово може да се плаќа до 3.000 евра. Во изминатиов период износот за безготовинско плаќање постепено се намалуваше, но во пракса плаќањето во кеш само до 500 евра, покажа многу недостатоци.

Се укина и Законот за трговија на зелените пазари. Таму годинава почнува по старо. На тезгите се уште може да ги сретнеме пензионерите во улога на продавачи, пазарџиите засега не плаќаат лиценци…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот