Година на избори и промена на власта во Грција

Договорот од Преспа веројатно и не одигра толку голема улога во лошите резултати на СИРИЗА колку што предизборно се очекуваше, но едно е сигурно, создаде главоболки во тогашната коалициска влада.

Низ три изборни процеси помина Грција годинава, а последниот донесе и промена на власта кај јужниот сосед. Две илјади и деветнаесетта беше година во која Грција по четири и пол години од левичарска премина на централнодесничарска влада.

Во првата половина од годината на власт беше СИРИЗА, во втората половина Нова демократија.

Грците во период од 40 дена излегоа три пати на избори. Гласаа за градоначалници, за европратеници, но и за нова влада. Нова демократија и нејзиниот лидер Кирјакос Мицотакис убедливо победија и на локалните и на европските избори, што беше и причината тогашниот премиер Алексис Ципрас да распише предвремени парламентарни избори нешто помалку од три месеци пред официјалниот термин.

– По вториот круг од локалните избори ќе побарам од претседателот на државата да распише предвремени парламентарни избори за на крај грчкиот народ да биде оној што ќе ја даде конечната одлука, рече Ципрас во неговото обраќање на 26 мај годинава, откако неговата партија загуби и на европските и во првиот круг од локалните избори, а разликата меѓу СИРИЗА и Нова демократија на евроизборите беше 9,4 отсто.
Оваа разлика на предвремените парламентарни избори на 7 јули 2019 се намали и изнесуваше 8,3 проценти.

Нова демократија доби 158 пратенички места, што за Кирјакос Мицотакис значеа можност да формира еднопартиска влада.

– Одлуката на народот е јасна, општеството сака обединети да одиме напред, пред сѐ сака развој, работни места и безбедност, за Грција одново да стане силна како што и заслужуваме, рече лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, во неговото обраќање до Грците, по победата на неговата партија на парламентарните избори.

– Се боревме и постигнавме многу секогаш со крената глава и сега повторно со крената глава ја прифаќаме одлуката на народот. Со крената глава, бидејќи знаеме дека Грција што ѝ ја предаваме на новата влада нема никаква врска со тоа каква беше Грција кога ја презедовме, истакна Алексис Ципрас, кусо по соопштувањето на резултатите, признавајќи го изборниот пораз.

Договорот од Преспа веројатно и не одигра толку голема улога во лошите резултати на СИРИЗА колку што предизборно се очекуваше, но едно е сигурно, создаде главоболки во тогашната коалициска влада.

Проблемите за СИРИЗА започнаа со почетокот на 2019 година, кога во првата половина на „жешкиот“ јануари, тогаш владејачката партија, остана без коалицискиот партнер, Независни Грци.

– Прашањето на Македонија не ми дозволува да не ја жртвувам фотелјата, рече Каменос излегувајќи од премиерската палата по средбата со Ципрас, на 13 јануари годинава, кога и официјално ја напушти владината коалиција.

Предвремените парламентарни избори донесоа и промена на политичката сцена во Грција. Независни Грци на поранешниот министер за одбрана и коалициски партнер во владата на СИРИЗА, Панос Каменос и партијата Река, на новинарот Ставрос Теодоракис, по малата поддршка од граѓаните на европските избори, не учествуваа на парламентарните, а неонацистичката Златна зора не успеа да обезбеди место во новиот грчки парламент.

Наместо нив, на 7 јули 2019, со помош на гласовите од граѓаните, прв пат во Парламентот влегоа левичарско ориентираната МЕРА25 на поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис и десничарската партија Грчко решение на поранешниот член на ЛАОС, Кирјакос Велопулос.

Нова влада, нови приоритети

По убедливата победа на 7 јули, Нова демократија ја презеде власта од СИРИЗА, а новиот грчки премиер, на првата владина седница ги претстави приоритетите на неговата влада.

Силен развој со многу инвестиции и нови работни места, вредност на недвижностите, безбедност за граѓаните, социјална солидарност, подобро образование, помош за средната класа, заштита на животната средина, квалитетно јавно здравје, современа дигитална држава во служба на граѓаните, заштита на работничките права, силна меѓународна позиција на Грција беа стратегиските приоритети на новата грчка влада.

– Имам целосна доверба во нашите можности да ја смениме Грција, рече грчкиот премиер за време на првата владина седница, одржана три дена по изборната победа и ги повика членовите на неговиот кабинет да ги засукаат ракавите „за да се задржат високопоставените цели”, а паралелно го претстави и новиот модел на водење на земјата заедно со 12-те приоритети на Владата.

Од донесените закони или измени на закони во првите месеци на владата на Нова демократија се издвојуваат законот за укинување на студентскиот имунитет – нешто што предизвика бурни и негативни реакции кај студентите, особено кај левичарски ориентираните; Законот за забрана за пушење на јавни места – по 10 години се спроведе во практика; новиот Закон за доделување азил; законот со кој им се дава право на глас на Грците кои живеат во странство – дел од уставните измени, како и целосното укинување на капитални контроли.

Грчката економија закрепнува

Во првите 11 месеци од 2019, примарниот суфицит на буџетот достигнал 6,3 милијарди евра, наспроти во 5,4 милијарди евра, во истиот период јануари – ноември минатата година, според податоците од Банката на Грција.

Грчката економија е на пат кон закрепнување, а властите започнуваат со преземање позитивни мерки за граѓаните.

На почетокот на мај, нешто помалку од 20 дена пред европските избори, тогашниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, објави пакет-мерки меѓу кои и намалување на ДДВ од 24 % на 13 % за угостителските услуги и прехранбените производи, намалување на ДДВ за енергијата од 13 % на 6 %, 13-та пензија за пензионерите.

Позитивни мерки презеде и наследникот на Ципрас, актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис. Претставувајќи ја владината програма на расправата во Парламентот за добивање доверба по јулските избори, говореше за шест вистини, односно за приоритети во шест области, почнувајќи од намалување на даноците, приватизации, намалување на бирократијата, најави промени во здравството и образованието, промени во изборниот законик и давање можност за гласање на Грците што живеат во странство, вети поголема безбедност за граѓаните и сл.

За време на Меѓународниот саем во Солун, на почетокот на септември, говорејќи за економијата, Мицотакис рече дека Грција „не е повеќе црна овца во Европа“ и ќе биде „пријатно изненадување во еврозоната во следните три години“, а последните четири години „беа голема изгубена шанса“.

– Четири се главните области, чии активности ќе му служат на развој: даночна политика, инвестиции, односите на работниците и продуктивната дигитална држава, рече грчкиот премиер.

Меѓу другото, најави намалување на данокот на бизнисите од 28 на 24 отсто; пролонгирање за три години на ДДВ за новите градби; 40 отсто попуст за трошоците за реновирање или надградба на постојните објекти; производите за бебиња, детските седишта и кацигите се вклучуваат во категоријата со намалено ДДВ од 13 отсто; за секое новороденче во 2020 семејството ќе добие 2.000 евра.

Актуелната грчка влада акцентот го става и на привлекувањето странски инвестиции.

На почетокот на октомври Грција издаде благајнички записи со негативна каматна стапка за време на аукцијата, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека ова се случува прв пат во историјата на земјата

Од Агенцијата за управување со јавниот долг на Грција соопштија дека за благајничките записи во траење од 13 седмици каматата изнесувала -0,02 отсто, а државата доби 487,5 милиони евра.

По 10 години стапи во сила Законот за забрана за пушење

Годината што изминува донесе и конечно спроведување во практика на Законот за забрана за пушење на јавни места, 10 години по првото донесување, а Грците полека учат да не пушат во кафулињата, рестораните, таверните, клубовите, како и познатите ноќни центри со жива музика, популарните бузуки. Стапувањето во сила на законот беше една од предизборните заложби лично на Кирјакос Мицотакис, па така, кусо по доаѓањето на власт, го исполни ветувањето и законот од 2009, со мали измени и построги казни, од хартија го пренесе во практика.

За спроведувањето на законот се спроведуваат и строги контроли. Од кафуле во кафуле, без најава и во придружба на полицајци, инспектори од Националниот орган за транспарентност контролираат дали се почитува Законот за забрана за пушење во затворени простории, но и дали сопствениците ги обезбедиле соодветните ознаки, во согласност со законот што неодамна започна да се имплементира во Грција.

– Конечно ќе станеме Европејци, коментираше друштво млади Грци за МИА.

Кон средината на ноември, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и министерот за здравство Василис Кикиљас го презентираа националниот акциски план за борба со пушењето, што има за цел намалување за 30 % на пушењето до 2025.

Казните за оние кои нема да го почитуваат законот се особено високи, како за пушачите така и за сопствениците на кафулиња, ресторани, клубови и слично.

За физички лица се од 100 до 1.500 евра во зависност од прекршокот, а за сопствениците од 500 до 10.000 евра.

Во исто време е отворена и телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат прекршувања на законот.

Направени измени во Законот за студентскиот имунитет

Една од првите промени во постојните закони што ги донесе грчката Влада беше и онаа што се однесува на Законот за академска слобода и студентски имунитет. Делот од конкретниот закон предвидува дека „во просториите на високообразовните институции, надлежните органи ги вршат сите нивни законски овластувања, вклучувајќи и интервенција поради извршување прекршоци“.

Конкретниот член од постојниот закон од 2017 што беше променет, предвидува интервенција на универзитетите во случај на кривични дела или по одлука на Ректоратот.

Во образложението што беше доставено до грчкиот Парламент, непосредно пред гласањето на законот, објаснето беше дека се злоупотребува концептот на академска слобода, особено преку неможноста или спречувањето на властите да интервенираат во просториите на универзитетите „за случаи што немаат никаква врска со истражување, настава и слободно изразување и ширење идеи“, а како примери се наведени психолошко или физичко насилство, малтретирање студенти и професори, нанесување штети на просториите и објектите, подготовка на запаливи и експлозивни материјали, трговија со дрога, развој на нелегални активности.

Студентите, особено оние левичарски ориентираните, уште од самиот почеток негативно реагираа на промените на законот и одржаа низа протести во Атина за да го изразат нивното незадоволство.

Договорот Турција – Либија ги заостри односите меѓу Атина и Анкара

Потпишаниот договор (меморандум) меѓу Турција и Либија за демаркација на морските граници од 27 ноември ги заостри односите меѓу Атина и Анкара, а Грција го протера либискиот амбасадор.

– Со жалење ви соопштувам дека утрово либискиот амбасадор во Атина беше повикан во Министерството каде што беше информиран за одлуката за негово протерување. Даден му е период од 72 часа за да ја напушти земјата, рече на почетокот на декември министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас.

Тој истакна дека одлуката за протерување е израз на незадоволство на грчката до либиската Влада, била донесена откако Либија не одговорила на барањето на Грција да го достави до Атина договорот со Турција и објасни дека одлуката не значи и прекин на дипломатските односи со Триполи.

Атина смета дека договорот меѓу Турција и Либија за морските зони го прекршува меѓународното морско право.

– Координатите од обидот за демаркација на морските зони потврдуваат дека овој договор е грубо кршење на меѓународното морско право и суверените права на Грција и други држави. Покрај формалните недостатоци, овој обид е нелегален и не носи правни резултат. Освен тоа е манифестација на намерно предизвикување тензија на билатерално и регионално ниво. Затоа и недвосмислено се осудува, рече Дендијас во изјава на 6 декември пред акредитираните новинари во грчкото МНР.

Паралелно, Министерството за надворешни работи на Грција испрати дописи до генералниот секретар на Обединетите нации и до претседателот на Советот за безбедност во кои се објаснети грчките позиции и правните аргументи поврзани со морското право во однос на Договорот Турција – Либија.

Според грчки дипломатски извори, Турција нелегално ја снабдува со оружје Либија, за што постојат докази и фотографии.

Финализирање на речиси петгодишниот судски процес против Златна зора

Со соопштување на предлозите на обвинителката Адамантиа Иконому, на 18 декември, по четири години и осум месеци, судскиот процес против Златна зора, што воедно е и најдолго судење во Грција, влезе во последната фаза, а во текот на 2020 година се очекува да бидат соопштени и казните.

Предлогот на обвинителката е дека Златна зора не е криминална организација, а сите 65 обвинети треба да бидат ослободени. Во однос на убиството на музичарот Павлос Фисас, нејзината препорака е дека виновен е само убиецот, а не и целата партија.

– Изјавувам дека сум невин за обвиненијата против мене, сметам дека станува збор за политички наместен случај од 25 години, рече лидерот на Златна зора, Никос Михалољакос, на почетокот од неговиот исказ на почетокот на ноември со што заврши делот на сослушувањата.

Првиот човек на Златна зора, кој е обвинет за формирање и управување со криминална организација, во неговиот исказ говореше и за моментот кога беше уапсен коментирајќи дека дошле маскирани лица со црни блиндирани автомобили „како да го апсат Бин Ладен“.

Ги негираше тврдењата дека се криминална организација, рече дека обвиненијата доаѓаат откако во 2012 започнал да се зголемува рејтингот на партијата, истакна дека се една обична партија на националисти, а не на нацисти.

За убиството на музичарот Павлос Фисас, Михалољакос неколку пати повтори дека тоа нема никаква врска со партијата.

Процесот против Златна зора што започна на 20 април 2015 го нарекуваа еден од најважните и најобемните судски процеси во современата грчка историја.

Вистинското лице на Златна зора се откри по убиството левичарски ориентираниот музичар Павлос Фисас на 18 септември 2013 од Јоргос Рупакиас, член и поддржувач на Златна зора.

Златна зора од политичка партија стана криминална организација. Десет дена по убиството на Фисас следеа апсење на пратеници, одредување мерка притвор и собирање докази за активностите на Златна зора. Обемниот судски предмет откри дека Златна зора од 1987 функционирала како воена структура, хиерархиски подредена според неонацистичките модели, а апсолутен лидер е претседателот Никос Михалољакос.

Случајот со криминалните дела на Златна зора започна за време на владата на Нова демократија и ПАСОК со апсење на осомничените, продолжи со почеток на судскиот процес за време на СИРИЗА, а ќе заврши сега, кога на власт е Нова демократија.

На Халкидики во невреме загинаа седум лица

Грчката Влада само три дена по преземањето на власта се соочи и со големо невреме на Халкидики, кое одзеде седум животи и предизвика голема материјална штета.

Во големото и катастрофално невреме со силен ветер од над 100 километри на час, но со кратко траење, во вечерните часови на 10 јули животот го загубија шестмина туристи од Русија, Чешка и Романија, меѓу кои и две деца и еден рибар, а беа хоспитализирани 23 лица, повеќето од нив туристи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот