Гоце Делчев е Македонец и Бугарите добро го знаат тоа

Гробот на Гоце Делчев/ Фото: МИА

По патот за ослободувањето на народите оделе Грците, Србите, Бугарите и по тој пат треба да одиме и ние Македонците, за да се ослободиме од Турците – ова е една од најцитираните изреки на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, чија 149-годишнина од раѓањето беше одбележана вчера во атмосфера на зовриени односи со Бугарија и голема внатрешна поделба меѓу власта и опозицијата.

Век и пол по раѓањето на Делчев, исполнета е целта на неговата борба за „слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население“, но Бугарија ѝ го оспорува правото да го слави како свој национален херој. Работата отиде дотаму што официјална Софија го уцени Скопје дека мора да прифати дека Гоце Делчев е Бугарин и дека самиот се декларирал како таков, а тоа мора да биде запишано и во македонските учебници по историја. На оваа тема се кршат копјата во македонско-бугарската комисија веќе цела година без никаков напредок, а не помогна ниту „подадената рака“ од претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев дека Делчев може да го славиме како заеднички јунак.

Последен обид комисијата да дискутира за чествувањето на ликот и делото на Делчев беше на 4 декември, неколку денови пред бугарското вето за Македонија во ЕУ, кога копретседавачите Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров изјавија дека е постигнат „нула напредок“, а следната средба е договорена за 25 и 26 февруари.

Допрва ќе имаме мака со Бугарите

За нашите историчари нема дилема кој и што бил Гоце Делчев, но и што се крие зад „бугарската приказна“. Историчарот Владо Поповски се согласува со голем број колеги дека зад нивната политика се крие неизживеаниот империјализам и оценува дека „допрва ќе имаме мака со нив“.

– Неспорно е дека Гоце Делчев е Македонец што се борел и загинал за независна Македонија. Во времето кога тој е роден и се школувал, документи за раѓање и за образование издавале само Бугарската егзархија, Грчката партијаршија или српските школки. Тогаш во Отоманската Империја населението добивало документи според т.н. милетски систем, во кој поделбата на населението била според религиската, а не по етничката припадност, а милетот управувал со сите работи од световен и од религиозен карактер. Делчев, кој се школувал во бугарски училишта, можел да добие само бугарски документи, како Бугарин. За тоа каков бил милетскиот систем, илустративно зборува фактот што сѐ додека султанот не ги признал српските школи, во Стара Србија населението било запишувано како Бугари или Грци, а не и како Срби! Во Бугарија има еден мит за Гоце Делчев за неговото големо бугарско значење, иако тој отсекогаш се борел единствено за Македонија, како Македонец – вели Поповски за „Слободен печат“.

Тој смета дека Бугарите нема да се откажат од нивните политики кон Македонија и вели дека единствена шанса за евроинтеграциите е во самата ЕУ.

– Нема правда сѐ додека во ЕУ одлуките се носат со консензус, а една земја може да стави вето. За нас останува само да се надеваме дека ЕУ ќе издејствува преговорите за членство да не се условуваат и да не се мешаат со идентитетските прашања. Во името на нашата евроинтеграција, ние можеме со Бугарите да се договориме за заедничко прославување на ликот и делото на Гоце Делчев, без да си навлегуваме едни на други во тоа кој како го гледа, односно, за нас тој е Македонец кој се борел за Македонија, за нив е Бугарин кој се борел за Бугарија, и тоа е сѐ. Тоа нема никому да му пречи ако е во игра влезот на Македонија во ЕУ. Но, за таа цел не смее да се прифати и нивната уцена дека македонскиот јазик е само бугарски дијалект или што било во врска со македонскиот идентитет – вели Поповски.

Ригидниот однос на Бугарија тој го илустрира со фактот дека за време на преродбата, во 1865 година Бугарија се обидела со насилни средства да ги претвори Турците во Словени.

– На пример, еден муфтија Мехмед Дервишов во тоа време го покрстиле во Светослав Духовников. Ако така се однесувале со Турците, кои се од друга религија, што можело да се очекува во тоа време за односот кон Македонците? Јас не очекувам таа нивна агресивна политика да згасне. Еве, гледаме дека тие сметаат не дале доволно аргументи за својата позиција и се подготвуваат да аргументираат пред новата американска администрација на претседателот Џо Бајден, значи, остануваат на своето – вели Поповски. 

Тој заклучува дека треба да се дискутира со документи и дека во Бугарија има државни документи со кои се признава македонската националност и посебност.

Млако одбележана годишнина

Премиерот Зоран Заев вчера упати честитка за 149-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

„Денеска, 4 февруари, на денот на раѓањето на великанот и инспираторот на македонското национално револуционерно дело Гоце Делчев, се сеќаваме и оддаваме почит на неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност. Како инспиратор и двигател на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност во политичките предизвици пред кои е исправена земјата од сите општествени чинители и граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност. Идеалите и заложбите на овој великан се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја, која денеска е дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз НАТО и земја која чекори кон членство во ЕУ“, напиша премиерот Заев.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на Фејсбук напиша дека „името и делото на апостолот на ВМРО Гоце Делчев, отсекогаш претставувало инспирација на македонскиот патриотизам во борбата за создавање на независна македонска држава“.

– Делчев е македонски херој врз чие име, дело и жртва почива нашата борба за слобода и денешната држава Македонија. „Во жртвата нема степен, таа завршува со чест и со име“. Слава му! – напиша Мицкоски.

На гробот на Делчев во Скопје вчера делегација од Владата положи свежо цвеќе, а рангот на делегацијата беше критикуван од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа покажува каков понижувачки однос има владата на Заев кон ликот и делото на Гоце Делчев. Во време кога се негира македонската историја и значењето на Делчев за македонската држава и македонската историја, Владата наместо да испрати највисока делегација, овој ден го одбележува со испраќање на заменик-министер за локална самоуправа“ – реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Од 1 март БНТ ќе се гледа и во Македонија

Бугарската национална телевизија од следниот месец ќе се гледа во Македонија, но само за гледачите што следат ТВ преку платформата Макс ТВ на Телеком. Ова го договорил специјалниот пратеник на Владата во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски, завчера во Скопје на средба на која присуствувале и бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, како и првиот човек на Телеком, Никола Љушев.

Договорот предвидува бугарскиот национален канал да се емитува на најгледаната платформа во земјава Макс ТВ, а во исто време првиот канал на МТВ ќе стане дел од пакетите на бугарските оператори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот