Гоце бил Бугарин, ама загинал за Македонија!!!!!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Последниве денови пре очите ми „одекнува“ еден ваков јавен дијалог:

Гоце е наш, нели!

Ама и Бугарите велат дека е нивни.

Лажат, лажат, маму им бугарску!

Ех, лажат, та ете предавал во бугарско школо во Штип.

Па што ако, немало македонско.

Но и самиот тој вели „ние Бугарите….“

Не, не, не тоа е во смисла на државјанство, Гоце дефинитвно загинал борејки се за мајка Македонија.

И така во недоглед со децении и со векови. Тоа е бесконечна приказна која ниту досега ниту одсега ќе не доведе до вистината.

Затоа ние не можејки да им ја докажеме нашата вистина ним, си ја докажуваме самите на себе. Ќе бараме како и секогаш пропусти, предавници.

Тие исто така. И тие си имаат свои демони. За нив сега најголем предавник бил Ѓорѓи Димитров!!! Тој како што сметаат тие ги предал бугарските национални интереси кога во 1946 на 7ми октомври дозволил Бугарија да ги предаде Гоцевите посмртни останки на соседна Македонија. Зошто? Зашто бил комунист и му служел на  режимот. Ако тераме така тогаш и Тодор Живков бил режимски владетел. Па ако не Димитров, ако не и Живков тогаш од кога почнува „вистинска“  Бугарија. Од вчера ли? Откако се овие на власт?

Токму заради ова и се случи договорот меѓу двете земји. За да престане тркалото на раздорот. Та и самиот Гоце за време на животот се движел и дејствувал на поширока теритроија одошто е сега тоа Македонија или пак Бугарија. Најмалку уште една Грција. Учел, студирал, револуционерствувал. Да за Македонија, но во општествено политички услови на тоа време, на територија од тоа време, во културолошки, јазични и етнички рамки од тоа време. Оттаму и недоразбирањата сега, од ова време.

Затоа  и задачата на заедничката меѓудржавна комисија не е да ги бара разликите и да ја докажува нашата вистина, туку  да предлага и да утврдува датуми, настани и луѓе за кои постои „минимална“ толеранција и компромис. Да бара точка на допирање.

Некако ме чуди идејата на нашите да предложат датум за задничко славење кој нема иманентно значење за ликот и делото на Гоце Делчев. Од се што направил и се залагал,  па се до фактичките датуми на раѓањето и на смртта на великанот, тие се одлучија  тоа да биде чинот на предавање на коските!!! Добро можеби се повеле од настан кој за тоа време бил од осоебено значење за нас.  Се говори дека „ на пато меѓу Симитли и Петрич во едно село каде што населението беило од Кукуш, машко и женско, старо и младо, празнично облечени – легнале наземи кога лафетот поминувал покрај нив“.

Можеби сметале дека тогашната одлука на бугарската власт била претходник на договорот за добрососедство што се постигна сега, па мислеле дека и оваа бугарска власт ќе го прифати овој датум  како континуитет на одлуките од нивниот претседател Ѓорѓи Димитров. Но, ете за жал сегашните, имаат поинакво мислење за тогашните.

Но да не заборавиме дека досега и тие и ние без проблеми си го одбележуваме 4 мај денот на погибијата на револуционерот Гоце. Зошто она што било традиција со години одделно да не ја преточиме во традиција заедно.

Да престанеме да лицитираме со националната идентификација на великаните од тоа време. Зашто знаете вистината е дека –

Нема Бугарин што би згинал за Македонија! Ни тогаш, ни сега!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот