Го задолжија светот, за возврат ги предадоа и ги напуштија: Ова е приказната за Курдите

Фото: Профимедиа

Иако беа последната линија на одбрана од налетот на борците на Исламската држава кон Блискиот Исток и Европа, сепак  откако ја извојуваа победата над исламистите, наместо награда, добија казна. САД се повлекоа, а Турците започнаа жестока воена акција врз Курдите, долж турската граница со Сирија.

Во Турција ги прогонуваат како терористи. Во Ирак беа жртви на Садамовиот геноцид. Во Сирија со тешка мака и голем број на жртви се бранеа од налетот на Муџахедините на Исламската држава како дел од западната воена коалиција која се бореше против оваа пара војска. Сега, откако не им требаат веќе за борба на теренот,  Американците ги предадоа, Турците ги напаѓаат, а војската на сирискиот претседател Асад сака да ги покори и да ги стави во изолација.

Курдите се најголем народ во светот кој нема своја татковина и држава. Ги има помеѓу 25 и 35 милиони припадници на оваа етничка група, распоредена долж планинскиот регион познат под името Курдистан. Овој транснационален регион се простира низ пет држави од Блискиот Исток: југоисточна Турција, североисточна Сирија,северен Ирак, северозападен Иран и југозападна Еременија.Курдите се автохтон народ од овој регион кој потекнува од древната Месопотамија и се четврти по бројност народ на Блискиот Исток. Иако немаат своја држава, во изминативе години успеаја да одржат свој единствен идентитет, култура  и јазик повеќе стотина години, живејки како номади. По распадот на Османлиското Царство Курдистан  е поделен  меѓу пет држави. Како номади живееле до крајот на Првата светска војна кога Османлиското Царство се распаднало, а западните колонијални сили создале  нови држави. Најдобар пример за наметнато создадена држава по Првата светска војна е Ирак, држава во која живеат Курди, арапски сунити и арапски шиити, кои изминативе години беа на работ на граѓанска војна.

Во таа поделба Курдите беа изиграни , како што беа изиграни и подоцна кога првично беше предвидено Курдите преку референдум да се изјаснат за својата национална определеност, за подоцна, по крајот на Првата светска војна да им биде забранет референдумот.Во наредните 80 години сè до денеска, секој обид на Курдите да воспостават своја држава беше брутално загушен. Во сите држави каде тие живеат безмалку беа целосно дискриминирани и прогонувани.Курдите заземаат дваесет проценти од вкупното население во Турција.

Во дваесетите и триесетите години на минатиот век имаше бројни обиди преку востание да добијат своја држава, но нивното востание беше брутално задушено. Како одговор на бројните востанија и бунтови турските власти во времето на Мустафа Кемал Ататурк започнале со раселување на Курдите, сузбивање и уништување на курдскиот јазик и воведоа забрана за давање на курдски имиња и обичаи како и забрана на самиот курдски идентитет. Курдите беа погрдно нарекувани ,,планински Турци“. Целта на власта предводена од Ататурк била да им се одземе идентитетот, и да се понижат како примитвни граѓани од втор ред.Но, во 1978 година почнува нова ера на востание,  кога Абдула Оџалан ја основаше радикалната Работничка партија на Курдистан( ПКK), која започнала со герилска војна против турската држава.

Во четириесет годишната војна со турската армија загинале десетици илјади војници борци и цивили, главно од курдската страна, а стотина илјади Курди биле раселени. ПКK во почеток  била мешавина на револуционерниот социјализам од марксистичко -лењинистички тип и курдскиот национализам, кој имал за цел да воспостави независна држава Курдистан.

Но, поради нападите на воени, цивилни и политичките цели, РПК била прогласена за терористичка организација, не само од  Турција, туку и од САД, Велика Британија,Европска Унија  и НАТО. Откако Оџалан бил уапсен и осуден на доживотен затвор во Турција, ПКК започна со трансформација кон таканаречениот демократски конфедерализам, специфична идеологија со анархистички влијаниаја и визија на регионална автономија, а не целосна независност.

Садамовиот геноцид врз ирачките Курди

Ирачките Курди не биле поштедени од ѕверства и напади поради нивното тежнеење за слобода и автономија. Ирачкиот режим на Садам Хусеин во седумдесетите години на минатиот век започна со населување на Арапи на подрачјата каде живее курдско мнозинство, а Курдите ги раселувал на други одалечени подрачја на Ирак.Американците практично прв пат ги предале Курдите во седумдесетите години на минатиот век кога тогашниот претседател Ричард Никсон започнал да ги вооружува курдските борци, тие да го дестабилизираат Ирак кој во тоа време бил сојузник на Советскиот Сојуз. Во осумдесетите години откако Курдите застанаа на страната на Иран во Иранско -ирачката војна, Садам Хусеин започна одмазнички акции во кои во напади со хемијско оружје уби над двеста илјади Курди. Кога во 2003  година, САД донесоа одлука повторно да се пресметаат со Садам Хусеин, Курдите повторно покажаа дека се лојални сојузници на Американците. Во 2017 година Курдистанската регионална влада спроведе референдум за независнст на Курдистан. 90% од гласачите гласаа за независност, но проамериканската влада во Багдад го поништи овој референдум.

Ја поразија исламската држава, а сега им се заканува масакр

Курдите се со муслиманска вера, но меѓу нив има и сунити и шиити и алавити, христиани зороастрианци и језиди. Језидите живеат во Ирак, и беа на мета на Исламската држава која во 2014 година, врз нив  изврши геноцид. Жртви на геноцид на исламските борци беа и сириските Курди, кои повеќето се секуларно определени и чии жени се еманципирани по европски терк. Токму тоа и беше причината за  ѕверските убиства и силувања на борците од  Исламската држава кои сириските Курди ги нарекуваа неверници.

Се бореа против непријателот на човештвото, а за возврат беа издадени и напуштени

Курдите, како што денеска, цинично подвлекува американскиот претседател Доналд Трамп, се бореа првично за својата земја, а потоа за заедничките вредности на цивилизираниот свет- демократија, секуларизам, против верскиот фанатизам и тероризам.Но сега, кога не им требаат повеќе на САД, односно кога Трамп мисли дека не му требаат, тој Курдите им ги препушти на милост и немилост на Турција која ги поистоветува борците на ИСИС со Курдите, нарекувајќи ја интервенцијата „борба против тероризмот“. После сè што претрпеа и што направија за своите американски сојузници, сега на Курдите им се заканува нов геноцид, доколку  турската офанзива не биде запрена на време.Можеби Курдите не им беа сојузници на Американците во борбите на плажите на Нормандија, но секако дека не заслужија да бидат оставени на милост и немилост на Анкара. И сето тоа ја потврдува старата курдска изрека дека на Курдите единствен и најдобар сојузник се планините. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот