Го сменивме системот и го запревме Меси
Репрезентацијата на Бразил обезбеди пласман во финалето на Копа Америка откако во полуфиналето беше поуспешна од Аргентина со 2:0. Рецептот за триумф над „гаучосите“ беше менување на формацијата на „кариоките“ и тоа поради Лионел Меси.
– За да го неутрализираме и запреме Меси, моравме да ја смениме формацијата, Фирмињо го повлеков да игра подефанзивно. Имавме и помал посед на топката но тоа беше дел од планот. Лионел Меси е неверојатен фудбалер. Иако во Аргентина има уште неколку екстра фудбалери, Меси заслужува посебно внимание – изјави селекторот на Бразил, Тите.
Бразил со победата над Аргентина се пласира во финалето на Копа Америка, а ова е прво големо финале за „кариоките“ по 2013 година кога триумфираа на Купот на конфедерации. Последен пат Бразил играше во финале на Копа Америка во 2007 година кога и за последен пат триумфира.
Тите е пресреќен не само поради тоа што неговите избраници ќе играат за титулата, туку и поради тоа што финалниот натпревар ќе се одигра на најсавниот фудбалски стадион „Маракана“.
– Навистина ќе станам селектор на Бразил. луѓето во Бразил тука ве сметаат за фудбалер само доколку сте играле на „Маракана“. Истото се однесува и за тренерите – вели Тите.
Противник на Бразил во финалето ќе биде победникот од вториот полуфинален дуел кој се игра доцна вечерва (02:30 ч.), а се среќаваат Чиле и Перу.