Го сакаме ли Преспанското Езеро?

Божидар Миљовски, Фото: Архива

Ние не можеме да влијаеме на евапорацијата и на врнежите, но можеме да влијаеме на црпењето од страна на Грција и Албанија, како и на контролирањето на понорниците. Треба да се направи студија за трајни или повремени затворања на понорниците.

Многу често како ресенчанец доаѓам во искушение како да му се помогне на нашето Преспанско Езеро за да се спаси од постепеното умирање. Затоа, пред да дадам каков било предлог како може да му се помогне, ќе дадам некои важни информации за езерото и случувањата во блиската историја.

Преспанското Езеро е на надморска височина 853 метри и се храни со врнежите од Преспанската Котлина – вододелница Пелистер, Ѓавато од страна на Ресен оди во системот Ресен – Преспанско Езеро, Охридско Езеро, Јадран. Од страната на Битола оди во Егејско Море. Преспанското Езеро е по површина малку помало од Охридското, но по количина на вода – трипати помало, со максимална длабочина 54 метри (Охридското – 286 метри). Водите од Преспанското Езеро преку понорници одат во Охридското Езеро.

Во времепловот и животот на езерото ќе набројам повеќе интересни случувања. Според кажувањата на постарите луѓе, во 1905 година, во јануари, дошол еден Албанец со коњ и санка во Асамати, влегол во единствената крчма, седнал да се напие чај и рекол: „Ама поле имате, со километри рамно!“ Крчмарот му одговорил: „Какво поле, бре, тоа е смрзнато езеро!“ Човекот паднал во несвест, се уплашил каде возел! Подоцна, во 1967 година, е забележано највисоко ниво Ова го пишувам по веста на телевизија дека нивото на езерото е паднато за пет метри и е повлечено стотици метри, што е страшно. Мора да се преземе нешто за спас на езерото. Преспанското Езеро е животот на Преспа и на преспанското јаболко. Мојот татко, како и многу жители на Преспа, 15 години помина во САД, во Чикаго отвори фотографски дуќан со име „Македонија“. Кога се врати, како левичар, Србија не му дозволи да отвори дуќан и тој им се посвети на јаболката – прво со калемење, подоцна со садници од расадникот во Крагуевац, ги донесе познатите калифорниски сорти: црвен делишес, златен делишес, јонатан и вајнсепт. Така, во Преспа започна масовно производство на овие сорти. Татко ми, на земјоделската изложба во 1939 година, во Сан Франциско, однесе по два сандака од сите сорти. Се случи чудо – преспанските јаболка однесоа три први награди за – арома, вкус, шеќер и сок. Во Калифорнија се заинтересираа за Преспа и пратија двајца агрономи да ја проучат климата во која растат овие јаболка. Нивниот заклучок беше: клучни фактори за тоа се надморската височина на Преспанската котлина, многу студените ноќи наспроти топлите денови, како и езерото со количината на вода што помага за поарна клима за јаболката.

Јас студирав на Градежниот факултет во Загреб во 1954 година. На Хигиенскиот завод во Загреб полагав хидрологија со метеорологија кај професор д-р Петриќ, кој виде во индексот дека сум од Ресен, па ми рече: „Ако погодиш каде понира Преспанското Езеро, си го положил испитот“. Јас му одговорив: „Знам, кај Стење, кај Коњско и некаде на албанскиот дел од езерото“. Положив и го прашав: од каде го знае Преспанското Езеро? Професорот ми одговори: „Јас во 1939 година ги проучував понорниците на Преспанското Езеро, за вие да знаете сега на испитот“!

Во 1956 година, во летото, како студент работев во Отешево и Царина, се запознав многу со езерото, летувалиштата и точно ги лоцирав понорниците Стење и Коњско. Со брат ми, архитектот Кољо Миљовски, ја разработивме идејата и направивме проект – два во еден: Скијачки центар на Галичица и жичница до Отешево и Царина, така што летувалиштата да се користат и во лето и во зима.

По неуспехот на проектот со Аквапура, јас и брат ми направивме решение – павилјоните во Отешево и Царина да ги направиме гарсониери за нашите иселеници, но партиски послушници срушија сѐ, дури и камењата од темелите ги корнеа за да ги продаваат.

Ова беа случувањата околу езерото, а сега да се вратиме на проблемот на езерото. Јас не сум специјалист за хидрометеорологија, но со моето мало знаење ќе се обидам да дадам мало објаснување. Хранењето на езерото е од врнежите во сливното подрачје. Тие се менуваат со годишните времиња – зима, пролет, лето, есен, но имаме период на серија од 10 години и повеќе серии со ниски врнежи или серии на големи врнежи, па нивото на езерото оди горе – долу. Тоа е еден фактор , вториот е – евапорацијата на водата која во Преспа е двапати поголема од Охридското Езеро поради површината, количината и вертикалното струење на водата. Третиот фактор е црпењето на вода за наводнување, нашите два система одамна не функционираат, а Грците и Албанците и понатаму црпат вода. Четвртиот фактор се понорниците Стење, Коњско и Албанија, Грција .

Ние не можеме да влијаеме на евапорацијата, врнежите, но можеме да влијаеме на црпењето од страна на Грција и Албанија, како и контролирање на понорниците. Има повеќе начини и треба да се направи студија за трајни или повремени затворања на понорниците. Овде не би сакал да давам какви било решенија без исцрпни истраги какви затворања да се направат и каков договор да се направи помеѓу Македонија, Албанија и Грција за црпењето од езерото за да се спаси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот