Го почувствувавте ли тоа? Изминатата зима беше најтопла во Европа досега

Многу Македонци минатата недела, на вториот ден од пролетта, се разбудија со првиот снег за оваа сезона. Неколкуте денови со лесен слој од снежна покривка во повеќе градови низ државата беа исклучок од инаку топлата и сува зима. Толку топла што според климатските научници ги надмина досега измерените рекорди.

Според институции како што е Управата за климатски промени на Коперник на ЕУ и НАСА, зимата во 2019/2020 година беше од далеку најжешката измерена зима во Европа; просечната температура на целиот континент се искачи за 3,4°C над просекот. Глобално, оваа сезона беше втората најтопла според мерењата, веднаш после зимата во 2016-та година што беше влошена заради Ел Нињо: природна појава кога планетата доживува затоплување на морето во Тихиот океан и ја загрева планетата повеќе од вообичаено. Важно е да се има во предвид дека 2019-та година беше рекордно втора најтопла година некогаш измерена.

Европски температурни аномалии за период од декември 2019 година – февруари 2020 година (извор: НОАА)

 

Климатските експерти и метеоролозите уште еднаш потврдија дека забележаното затоплување во текот на минатата зима е последица на климатската криза како резултат на екстрактивниот капиталистички економски систем. Националната Климатска Проценка во САД потврди дека „човековите активности, особено емисиите на стакленички гасови, се доминантна причина за забележаното затоплување од средината на 20-тиот век“.

Степенот на затоплување варира во различни делови на светот. Во јануари и февруари во Хелсинки (Финска) просечните температури беа покачени за неверојатни 6°C. Во Северна Македонија просечните температури беа 2,3°C над просекот што оваа зима ја прави трета рекордно најтопла зима во регионот. Во јужната хемисфера, летото во Австралија беше карактеризирано со големи пожари што уништија огромни делови од земјата, населени места и при кој изгубивме голем број на животни. Тоа беше документирано како второ најжешко документирано лето во Австралија. Температурите на Антарктикот пак, исто така, за прв пат се искачија над рекордни 20°C.

Исклучително топлата зима во Европа влијаеше на многу аспекти од секојдневниот живот, вклучувајќи и на земјоделието и различните видови на производство на храна и пијалоци, како што е на пр. жетвата за таканареченото замрзнато вино во Германија, која беше опишана како голем неуспех оваа година. Зимските спортови и туризмот исто така беа погодени бидејќи земјите како Шведска и Русија беа принудени да увезуваат снег за своите спортски настани. Состојбата со зимските спортови и туризмот не се разликуваше на Балканот, бидејќи многу ски-центри низ регионот мораа да се потпираат на вештачко производство на снег за да ги задржат своите зимски одморалишта отворени. Во Барсов, Романија, температурите се искачија до 17°C, што ја направи оваа сезона премногу топла таму дури и за производство на вештачки снег. Тоа доведе до затворање на ски-центарот за најмалку еден месец во текот на сезоната. Туристичките работници во Црна Гора по повеќекратни поплаки и барања до владата заради тоа што досега немаа можност за производство на вештачки снег, добија ветување дека машини за вештачки снег ќе бидат набавени за ски-центрите следната година.

Скијачките центри во Маврово и Попова Шапка во Северна Македонија кои имаат услови за производствао на вештачки снег, оваа сезона работеа со полна пареа за да ги исполнат минималните услови за зимски спортови и на тој начин да останат отворени цела сезона.  Во овој регион имаше помеѓу 0 см до најмногу 30 см снег во различен период во текот на зимата. Стопанската Комора за Туризам потврди дека оваа сезона е послаба од повеќето предходни сезони. Ваквата состојба ги потврдува претходните извештаи дека климатската криза е закана аа постоење на најмалку 6 од 7-те ски-центри во земјата бидејќи температурите продолжуваат да се зголемуваат и можностите за природен снег во текот на зимскиот период се многу намалени.

Глобалното затоплувањето во моментов е 1,2°C над пред-индустриско ниво и неконтролирано се движи кон 1,5°C што научниците нè предупредуваат да го избегнеме. Карактеристиките на оваа исклучително топла зима служат само како дополнителна потврда за ова. Се разбира, затворањето на ски-центрите и неуспехот на жетвата на замрзнато вино се само две последици кои ќе продолжиме да ги чувствуваме во рамките на ваквите топли зими. Земјоделието, безбедноста на храната, чистата вода, биолошката разновидност и ширењето на болести, како и многу други аспекти од нашиот секојдневен живот се крајно загрозени доколку не превземаме итна и ефикасна акција за забавување на климатската криза и менување на економскиот систем кој го олеснува нејзиното влошување.

 

Извори:

  1. This winter in Europe was hottest on record by far, say scientists (The Guardian)
  2. The boreal winter season 19/20 was by far the warmest winter season ever recorded in Europe (Copernicus)
  3. What winter? Earth just had its second-warmest December-February on record (USA Today)
  4. Winter and February 2020 end as second warmest on record for the globe (climate.gov)
  5. Europe experiences exceptionally warm winter (BBC)
  6. NOAA National Centers for Environmental Information, Climate at a Glance: Global Time Series, published March 2020, retrieved on March 27, 2020 from https://www.ncdc.noaa.gov/cag/
  7. Artificial Snow Rescues Balkan Ski Resorts amid Warm Winter (Balkan Insight)
  8. Climate Risk Profile North Macedonia (USAID)

Во текот на следните неколку месеци, Климатски Набљудувач / The Climate Herald ќе објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Aвтори: Симона Гетова и Џеј Ди Фаруџиа

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот