Го нема газдата на „Беса транс“!?

Беким Хаџиу
Беким Хаџиу / Фото: Скриншот, БНТ

Повеќе од две недели по автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 лица, Државниот инспекторат за транспорт сè уште не успеал да влезе во компанијата „Беса транс“ за да изврши вонреден инспекциски надзор. Директорот на Инспекторатот Руфат Хусеини вели дека причина за тоа е што управителот на компанијата „Беса транс“ Беким Хаџиу сè уште е недостапен за органите на прогонот.

– Управителот на компанијата не е достапен. Ние пробавме да извршиме вонреден инспекциски надзор, но не успеавме. Службените канцеларии на „Беса транс“ беа затворени, не беше никој тука и сега доставивме известување – рече Хусеини.

Тој додаде дека напомош ќе биде повикано и МВР доколку управителот на компанијата не одговори и на писменото барање.

За пропустите при преминувањето на граница на автобусот, во Царинската управа и понатаму се вршат дополнителни проверки. Директорката на Царина Славица Кутиров тврди дека од досегашните проверки, автобусот ги имал сите потребни документи за излез од земјата. Сепак, таа додава дека цариниците не можеле да ја проверат нивната веродостојност бидејќи нема таков централизиран регистар.

Бугарските истражители разгледуваат неколку можни причина за несреќата – грешка на возачот, техничка неисправност на автобусот и лошата патна сигнализација, но засега не излегле до дефинитивен одговор.

Видео на денот