Го има ли Македонија лекот кој помага во лечење на коронавирусот?

Фото: МИА

Терапијата за која се пишува дека им помага на пациентите заболени од новиот вирус се всушност лекoви кои се користат за третман на вирусот на ХИВ.

Бројката на заболени од новиот коронавирус кој сее страв низ светот се искачи на речиси 28.000, а бројот на починати е 563. Покрај во Кина вирусот се шири и во САД и во Европа. Се уште се калкулира со стапката на смртност од овој вирус, но позитивно е што, иако нема вакцина и специфична антивирусна терапија, сепак стотици заболени успеале да ја победат болеста.

Терапијата за која се пишува дека им помага на пациентите заболени од новиот вирус се всушност лекoви кои се користат за третман на вирусот на ХИВ. Нашите инфектолози од Клиниката за инфективни болести кои би го лекувале пациентот со коронавирус, доколку се појави таков случај, велат дека не постојат доволни докази дека оваа терапија навистина делува.

– Не постои специфичен антивирусен лек кој делува на корона вирусите. Правени се научни истражувања на клеточни култури и животни во тек на епидемиите со МЕРС и САРС при што се покажало дека комбинација на антивирусниот лек рибавирин и интерферон алфа и бета може да дадат одредени резултати, но ретроспективните студии не го потврдиле тоа во доволна мера, односно за тоа се уште не постојат цврсти и доволни докази. Правени се испитувања и со комбинација на лекови кои се користат за лекување на ХИВ инфекција како што се инхибитори на протеаза лопинавир и ритонавир со рибавирин, но и за тоа не постојат доволни докази.  Засега останува потпорната и симптоматска терапија – објаснуваат од Клиниката за инфективни болести.

Оттаму додаваат дека сепак, ако треба да се даде, ја имаат потребната терапија, а доколку се појави потреба ќе се прават и дополнителни набавки, како што сега се прават набавките за заштитни маски и заштитна опрема.

– На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби има на располагање од сите лекови кои се користат за третман на ХИВ инфекција. Во случај на потреба истите ќе бидат набавени – велат од Инфективна.

Лекарите и научниците од престижниот Јонс Хопкинс Универзитет пак велат дека со новиот корона вирус смртни случаи се појавуваат кај луѓе кои имаат некое основно респираторно заболувања, стари лица и пациенти со други пропратни заболување. Преовладува ставот дека новиот вирус не ги убива здравите и млади луѓе. Стапката на смртност се смета дека е околу два отсто генерално, но таа е повисока во Хубеи провинцијата во Кина каде има најголем број заболени.

Најопасна компликација од коронавирусот е тешко воспаление на белите дробови, кое ја нарушува нивната основна функција во организмот, размена на гасови. Може да се јави и сепса како и други секундарни инфекции.

Од Клиниката за инфективни болести објаснуваат дека имаат протоколи за лекување и патеки за движење, доколку се појави пациент со коронавирус.

– Клиниката за инфективни болести работи по одредени протоколи и патеки на движење на пациентите во тек на вакви ситуации. Болните ќе бидат донесени на клиниката по претходно најавување на телефон и ќе бидат примени преку посебен влез на одделот за изолација, од страна на персонал кој строго ќе работи со тие пациенти (доктор, медицинска сестра и другите технички служби). На болниот веднаш, доколку нема, му се става хируршка маска, а персоналот кој ќе работи со болниот е опремен со соодветна заштитна опрема за респираторно преносливи вируси. Пациентот ќе биде сместен во посебна соба (со сопствено купатило) и таму ќе се врши преглед, обработка на пациентот и земање на материјали – објаснуваат од Клиниката за инфективни болести.

Светската здравствена организација (СЗО) вчера ги негираше медиумските извештаи за тоа дека се пронајдени лекови кои претставуваат пресвртница во лечењето на луѓе заразени од коронавирусот.

Во извештај на кинеска телевизија, се наведува дека истражувачки тим на Универзитетот Жејанг пронашол ефикасен лек за вирусот, додека британски Скај њуз извести дека истражувачите направике „значителен напредок“ во развој на вакцина, пренесе „Ројтерс“.

Запрашан во врска со тие известувања, портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ рече дека засега не постојат познати ефикасни лекови против „2019-nCoV“ вирусот (коронавирусот).

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот