Го гледав интервјуто на Мицкоски и бев навреден

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

По се изгледа македонскиот национализам ќе остане нашиот вечен камен во нашите чевлички. Пред некој ден го гледав интервјуто на Христијан Мицкоски на ТВ Алфа и слушнав со свои уши дека зборува без срам за толку тешки работи. Најодвратно во сето тоа, барем за мене, е што ја политизира смртта од болеста и непрекинато се обидува политички да профитира. Кога македонските националисти, да речеме, зборуваат за болеста, најпросто кажано од нив избива голема радост што луѓе ни умираат. Врз основа на бројките бараат статус за себе, односно бараат легитимитет пред нас, живите Македонци.

Често ќе слушнете на нашите телевизии – некој тип, националист – а може да биде и доктор на науки, сосема неважно, вака изјавува: „Тие нас не убиваа и не протеруваа“. Во такви ситуации обично помислувам: каде ти е раната на вратот, барабо!? Оние што се бореа за време на груевизмот вистински настрадаа, а таквото страдање сериозно им се одрази и на сопствениот живот, дури можам да посведочам со примери на конкретни луѓе, а имам и луѓе кои и ден денешен ми велат дека насилството на Груевски беше заради одбрана на „националните интереси“.

Ама сево ова го зборувам бидејќи искрено уживав во неговото, Христијаново погрешно говорење. Уживав како ретко кога. Уживав во ситните и во крупните лаги, уживав во туѓата непристојност. Не затоа што сум некој садомазохистички тип, туку затоа што не бев на тоа место и во негова близина, и уживав што моите браќа и сестри не ми серат по мојата глава.

Говоранциите на Христијан Мицкоски на ТВ Алфа беа национални лаги. Од друга страна, има вистина, тој според своето потекло е Македонец, нешто со кое исклучиво се гордее, ама да настапуваш политички само затоа што си Македонец, тоа го сметам за исклучителна будалштина. Немаш одговор за ништо, сакаш да бидеш премиер, а најголемиот капитал во политиката да ти биде само тоа дека си Македонец, е тоа го сметам за навредливо.

Од друга страна, моето презиме е Јовановиќ, а јас себе се чувствувам како Македонец. Оти, знаете како, само во Хитлеровата Германија беше поинаку – Евреите беа тие за кои требаше другите да кажат дека се Евреи. Меѓутоа, и да не биде така, ако јас сум Србин, и ако пишувам, како Србин, текстови во најтиражниот дневен весник, за мене не смее ниеден хулиган да зборува дека сум поинаков освен дека сум колумнист и аналитичар (и ако даде Бог здравје, наскоро и писател). Што значи дека се друго оосвен моето лично дефинирање во јавноста е национализам. И тоа национализам што се негува во оваа земја со години, некогаш под државна капа, а некогаш под институционално-опозициска капа. Тоа може да го наречеме и „закамуфлиран фашизам“.

А тие двајца водители, да не им ги спомнувам имињата, седеа на интервјуто како селски попови и пијани биртијаши, замислувајќи се себеси во милицајски одела и, слушајќи ги нив, човек добива впечаток дека немаат појма што зборуваат во речениците кои ги изговараат. Тие мислат дека ние сите сме „гости“ во оваа држава, па од позиција на мејнстрим десничарска телевизија, во „милицајски“ одела, ќе одредуваат дали сме посакувани или непосакувани Македонци, па ако не сме, ќе не товарат во трактори (или во нешто слично) и ќе не испраќаат некаде надвор.

Ете, затоа ми беше мило што го гледав интервјуто на ТВ Алфа со Христијан Мицкоски, затоа што имав можност да го слушам „најголемиот“ Македонец кајшто зборува глупости и непристојно се однесува кон нас, „второстепените“ Македонци. Оти, ако мене луѓето ме гледаат преку презимето „Јовановиќ“, ако сум јас, дури и во најдлабока смисла, симболички претставник на една земја во која е можен човек како Христијан Мицкоски, тогаш навистина и не сум заслужил подобро отколку купиштата плуканици по мојот грб.
А колку и да се трудам јас лично да бидам различен од Мицкоски и од тие негови луѓе, колку и да се трудам да бидам идентификуван со мене самиот, ние сме под ист бајрак со таа багра. Барем се до оној момент додека не дојдат на власт и не не прогласат за гости/дојденци/дошљаци.

Додека го пишувам овој текст, весел за јавноста, а мачен за мојот дух, летото полека изминува, а надвор е пријатно и сончево. Го спомнувам времето бидејќи во овој момент ќе „одлутам“ во денот, не можам повеќе да се занимавам со нивната националистичка стерилност и имбецилност. Ќе го јавнам мојот точак затоа што нема поубава приказна од „лоша телевизија и квалитетен точак“. Или, што би рекол еден мој пријател, луѓето ако немаат што паметно да слушнат, тогаш најдобро е да се повозат некаде. Или што би рекол уште еден мојот драг пријател уште поубедливо и полуцидно: ова е мала земја, не смееш да го прешалташ точакот во петта, оти можеш да одлеташ некаде далеку, дури и преку граница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот