„Го дотолчи молчењето“: Денеска се навршуваат 3 години од трагичната смрт на актерот Славиша Кајевски

Фото: Принтскрин/Фејсбук/СлавишаКајески

Пред точно три години на денешен ден, познатиот македонски актер Славиша Кајевски трагично го загуби животот. Кајевски e роден на 1 февруари 1982 во Скопје, по завршувањето на средното училиште се запишал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Владимир Милчин во 2005, а од 2010 бил актер во МНТ.

Зад себе има одиграно голем број улоги како на театарската сцена така и пред камерите, а дел од нив се: Миле Прлиќ од „Ничија земја“, Императорот во „Авантурите на Аладин“, Еснафот во „Силјан штркот шанца“, Ленокс во „Макбет“, Семјон Семјеевич Медведенко во „Галеб“, Таткото во „Соларис“, Сергеј Александрович во „Животот е прекрасен“, „Грен во „Подемот и падот на кабарето“, „Декамерон“, „Животот е сон“, Јован и Анѓеле во „Парите се отепувачка“, Корубин во „Свадбата на Фигаро“, Тибалт во „Ромео и Џулиета“, Рака во „Госпоѓа Министерка“, Маро Мароев во „Дундо Марое“, Морис во „Дракула“, Фантом во филмот „Хомо“, Енди Гомез во „Баагхи“, Сурла во филмот „Еј“, Пики во „Црвената соба“, Малиот во „Ова не е американски филм“, Јане во „Некои поинакви приказни“, Павел во „Превртено“, Војникот во „Караула“, Момчето со маска во „Бал-кан-кан“ имногу други.

Оваа трагична вест особено ги допре неговите колеги и пријатели кои се простија од актерот преку социјалните мрежи.

„Каков удар сине! Монструозен и подмолен шок. За мене ќе бидеш мојот син Раде од Министерка, те сакам убавецу … Одмори се и поздрави ги другарите“, напиша Весна Петрушевска.

„Веќе фалиш Орте“, напиша Благој Веселинов.

„О Боже … О Боже не ми се верува … Почивај во мир“, Нина Јанева.

„Славиша, израз на добрина и човечност, висока професионалност. Прекината е богата кариера. Остануваат впечатливи ликови кои секогаш ќе сјаат и ќе зборуваат за една голема актерска ѕвезда. Со длабока тага, изразувам сочувство до семејството, колегите, пријателите. Нека ти е светол патот, Славиша“ напиша Ирена Стефоска.

„Ама зошто бе Славиша, зоштооо? Нека ти е светол патот“ напиша Јелена Јованова.

„Денес нашиот Славиша Кајевски, нашиот пријател, голем актер, душа памук, секогаш спремен за забава и шеги, со кој имаме поминато многу незаборавни моменти, замина од каде што враќање нема. Почивај во мир душо убава и чиста, немаме зборови да ја искажеме нашата тага и неверување … Другарот на Алескандар со кој цело време си правете муабет за ракометот. Ќе недостигаш … многу … на сите! Нашето семејство нема никогаш да те заборави … Ова е последен поздрав од нас, Кристина, Александар, Максим и Матео … Летај душо сега. Таму е сигурно подобро“, напиша Кристина Арнаудова.

И матичичната куќа МНТ, се прости од актерот кој беше исклучително почитуван.

„Остана да замислуваме што уште можеше да направиш во животот, на театарската сцена и пред камерите! Ти секогаш ќе бидеш дел од срцето на театарот и никогаш нема да бидеш дел од некое минато време, туку дел од нас, овде и сега. За оние кои те познаваат, остана празнина во душата и на сцената на МНТ поради твојата сèприсутност на сцената и како верен колега, пријател и човек. Останавме без твојата безрезервна љубов и поддршка, твојата емотивност и грижливост за сите колеги зад сцената“.

Летната сцена на МНТ денес го носи неговото име.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот