Го цениме туѓото, а плукаме по своето, и тоа за 123 денари!

Под мотото „Поддржи ја продукцијата“, на официјалната страница на Фејсбук на моментално најактуелната и најпопуларната (најгледана) македонска серија „Фамилијата Марковски“, пред два дена беше објавено дека втората сезона нема да можеме да ја гледаме бесплатно на Јутјуб, туку дека сега тоа задоволство ќе не чини цели две евра – 123 денари!

Серијата, инаку, се прикажува и секоја сабота на Канал 5 телевизија, со тоа што тие што ја пропуштиле најновата епизода, имаат можност и во недела во попладневните часови да ја погледнат репризата.

Се работи за серија чија прва сезона го достигна зенитот веднаш по прикажувањето, за чиј што квалитет речиси никаде нема да прочитате лош коментар, но наместо тоа да го почитуваме и да му се радуваме како никогаш досега, нашиот народ, повторно наоѓа начин за доза на негативност и омраза.

Приказната која се обработува е дрска, без влакна на јазикот, го опишува секојдневието на просечно македонско семејство, со сите негови расплети и перипетии.

Претставува вистинско освежување на телевизиските екрани, малку одмор од синхронизираните турски серии, и конечно шанса да се промовира нешто светско, а наше.

Во серијата гледаме актери од калибарот на Александар Миќик, Силвија Стојановска, Сашко Коцев, Тамара Ристова, Драган Спасов-Дац, Петар Петковски, Владимир Петровиќ и уште многу други докажани имиња, но и млади надежи во македонската кинематографија.

И додека актерската екипа ни е по ќеиф, содржината на серијата исто така ни се допаѓа, сега ни се јавува нов проблем – двете евра кои треба да ги платиме за да ја гледаме втората сезона на интернет.

Веднаш по објавата за оваа новина, се појавија лавина бурни реакции и негативни коментари на социјалните мрежи.

И додека секаде во светот, па и кај нас, сите плаќаат за гледање на странски серии и филмови, на ХБО или Нетфликс, сега ни е проблем да поддржиме нешто што е наше и што вреди, со тоа што ќе дадеме по 123 денари за да гледаме македонска серија, правена според светски стандарди.

Во коментарите на Фејсбук, никој не пишува дека серијата не чини, па не вреди за неа да се даваат пари. Не, напротив, речиси никој не го оспорува квалитетот на серијата, главен „проблем“ е плаќањето.

Веднаш се плука по продукцијата, се плука и по актерите, како и по начинот на кој серијата сакала да заработи повеќе „бидејќи и паднала гледаноста“.

Се јавуваат и такви кои пишуваат цели пасуси, образложувајќи каде ќе оделе тие пари и како ќе ќарел некој од нив, бидејќи две евра за серија се од голема штета за домашниот буџет.

Речиси никој (чест на исклучоци), не размислува дека тие две евра се вложени пари во серија која култоролошки ќе ве воздигне и ќе ве оттргне барем на момент од сапуниците, реалити шоуата и политичките канали на нашите телевизии.

Со тие 123 денари за цела сезона никој нема да осиромаши, исто како што никој не осиромашува кога се претплатува на некој стриминг сервис за гледање странски серии и филмови.

Напротив, парите ги вложувате во македонска содржина, во македонскиот филм и македонската култура, која за жал во последните неколку години е на доста ниско ниво.

Без разлика што сега ни се нудат серии од типот на оваа или „Преспав“, филмови како „Врба“, „Медена земја“ и други кои го освојуваат светот, се додека размислуваме дека со тоа што некој сакал да ни „земе“ 123 денари не „ограбил“, ние не одиме напред.

Тапкаме во место, а ако ние самите не си го поддржиме нашето културно богатство, тогаш кој ќе го стори тоа?

Време е еднаш засекогаш да престанеме да го величиме туѓото, а да плукаме по сопственото, па дури и тоа да значи плаќање на „фрапантна“ сума од 123 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот