Гмунден е ривалот на КК Куманово во ФИБА Европа купот

КК Куманово оваа сезона ќе игра на три фронта/Фото: facebook.com/kumanovokk

Кошаркарскиот клуб на Куманово отпатува за Холандија поточно Гронинген, каде во вторник официјално ќе ја започне новата сезона. Екипата оваа година ќе настапи на три фронта, ФИБА Европа Купот, БИБЛ балканското натпреварување и домашниот шампионат.

Стартот ќе биде во Европа во вторник, поточно во ФИБА Европа Купот во квалификациите каде македонскиот тим е дел од групата „А“, и прво силите ќе ги одмери со австрискиот Гмунден, а потоа во полуфиналето доколку триумфира ќе играат со домаќинот на турнирот Гронинген.

Во оваа група се наоѓаат уште Бенфика и Волунтари и кои би биле евентуални противници на КК Куманово во финалниот меч за влез во групната фаза од оваа натпреварување. Мечот Куманово – Гмунден е закажан за утре (28 септември) од 19.30 часот.

– Засега оди според зацртаното и планираното. Атмосферата е одлична, расположението како што треба и се чека стартот на сезоната каде ќе играме на три фронта како што знаете во ФИБА Купот, БИБЛ лигата и во домашното првенство. Ќе биде напорно, но и поради тоа сме тука.

Одигравме серија на пријателски натпревари каде можевме да ја брусиме формата од меч во меч. Пробувавме комбинации и на сите кошаркари им дадов шанса се со цел секој да го осети паркетот и играта , да покаже колку знае и умее и колку ќе може да сметаме на секого од нив во текот на сезоната. Сите го дадоа својот максимум вредно работеа и сега кога ќе започнат дуелите ќе видиме колку добро се работело и колку можеме да бидеме конкуретни со сите противници – вели тренерот на КК Куманово, Игор Ѓорѓиевски.

Првиот настап ќе го имаат во квалификациите на ФИБА Европа Купот, а противник е австрискиот Гмунден:

– Станува збор за тим кој е шампион на Австрија. Од минатата сезона тимот е изменет со тоа што поголемиот дел од нивните кошаркари кои беа носители не се веќе дел од оваа екипа. Иако има измени во играчкиот кадар на нашиот противник не значи дека ние треба да ја отпишеме оваа екипа. Нашата шанса на овој меч ја гледам во нашата одбрана и брзата транзиција од одбраната во фазата од нападот. Само треба внимателно и сериозно да влеземе во мечот, резултатот ќе дојде сам по себе.

Оваа сезона ќе бидам задоволен доколку влегуваме максимално мотивирани и фокусирани во секој меч. Доколку одиграме како што доликува за тим како што е нашиот и ги исполниме задачите како е зацртано, овој тим ќе може да бележи добри резултати – рече Ѓорѓиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот