Глувци

Оние поединци што претставуваат дел од вработените во државната администрација, скриени во своите канцелариски дупки, кои сметаат дека целокупната власт им припаѓа само ним и мислат дека тие се државата, меѓу граѓанството се познати како канцелариски глувци.

Најпознатиот квиз на просторите на поранешна Југославија – квискотека – имаше една игра наречена асоцијации во која натпреварувачите преку отворање полиња во кои имаше зборови кои создаваа асоцијација доаѓаа до крајното решение на загатката. Насловот на денешниот текст е добиен по принципот на оваа игра и се однесува на две групи граѓани, кои со своето однесување создаваат асоцијација на глувци.

Глушецот е исклучително интелигентно суштество, со мошне развиен инстинкт за преживување. Како едни од најмалите цицачи на планетава, глувците морале да развијат висока свест за заедницата на која ѝ припаѓаат, но и за непријателите кои ги демнат. Високиот степен на рудиментарна а и социјална интелигенција, ги прави неуништливи. Нивната најголема способност е својството за адаптација.

Пресликано на наш, човечки терен, оние поединци што претставуваат дел од вработените во државната администрација, скриени во своите канцелариски дупки, кои сметаат дека целокупната власт им припаѓа само ним, па по принципот на Луј 14 (L’état c’est moi) мислат дека тие се државата, а меѓу граѓанството се познати како канцелариски глувци.

Другата страна на шалтерот

Тоа се посебна група државни службеници (секако ова не се однесува на сите вработени во државните институции) кои како свое најјако оружје ги користат бариерата на стаклениот шалтер (специјално дизајниран, граѓаните да мора да се свиткаат надолу, за да можат да им се обратат преку нивната дупка), пенкалото и печатот. Па, наместо да ги користат овие оружја и направи за нормално функционирање на државата и како средство за сервисирање на потребите на граѓаните, тие сметаат дека целокупната моќ е концентрирана токму во нив кога треба да се потпишат на некој документ и да го стават печатот на институцијата која ја претставуваат. Реченицата што најчесто ја употребуваат е: „Дојдете утре“, затоа што не е граѓанинот тој кој ги поставува условите туку државниот службеник е тој кој треба да одлучува кој, кога и како ќе го добие посакуваниот документ.

Ниту 869-те реформи на државната администрација не успеаја од оваа мала група толерирани узурпатори на граѓанските права да направат колку-толку подносливи административци кои, за платата која токму тие граѓани преку редовното плаќање на данок кон државата им ја даваат, да им ги пружат потребните сервисни услуги за кои понекогаш е доволно само да се притисне копчето принт на компјутерот за да се добие потребниот документ, а не за него да се чека и по неколку недели.

Дополнително отежнување на работата на државната администрација претставува и длабокото партизирање на овие вработени кои додека е на власт партијата која ги вработила, ревносно (по партиска директива) си ја вршат својата работа, особено ако од другата страна на шалтерот е „наш човек“. Истите пак не може да се препознаат кога на власт ќе дојде спротивниот табор. Tогаш одеднаш се претвораат во главен кочничар на функционирање на системот, се додека на власт не се вратат „нашите“. И така веќе 30 години.

За да може нормално да функционира секоја држава, потребно е субјективниот фактор да се сведе на минимум, односно да се направи систем во кој граѓаните ќе може да ги добиваат потребните документи од една страна по автоматизам, а од друга страна државните институции да не бараат од граѓаните документ кој може да го добијат од друга државна институција, туку преку интегрирана база на податоци потребната документација да си ја прибавуваат по интерен пат помеѓу институциите. Доколку на овој начин се реши овој банален проблем кој сите ние сме го искусиле на своја кожа барем неколкупати во нашиот живот, најмалку една алка од системот „Државата тоа сум јас“ ќе биде прекинат. Сметам дека триесетте години самостојност се доволни барем некоја од партиите на власт да се обиде да го преслика системот на функционирање на државните службеници во поразвиените земји и да го примени тој „user friendly“ систем и кај нас.

Тактиката на малите партии

Втората група која ја создаде асоцијацијата на малото отпорно на се животинче со долг опаш, се претставниците на малите политички партии, секогаш дел од владината коалиција. Ниту една рејтинг агенција не може со таква прецизност да го предвиди исходот на одредени избори, какви што се тоа претставниците на помалите политички партии. Нивниот истенчен сенс за тоа на чија страна е волјата на граѓаните ме потсети на глувците кои први го напуштаат бродот кој тоне. Во моментот кога ќе осетат дека владината коалиција е нестабилна и дека постои можност од избори на кои би се сменила власта, тие од ревносни поддржувачи на една од двете големи партии која во моментот е на власт, полека но сигурно почнуваат да се движат, прво кон наводно самостојно делување (она што во моментот се случува на нашата политичка сцена) преку формирање, да речеме, на посебна пратеничка група, која се уште ја поддржува владината коалиција, кон постепено оддалечување од оние кои би ги изгубиле изборите и приклонување кон оној кој ќе добие мнозинство гласови. Останува мистерија, како тоа овие таканаречени пајтон партии (уште една асоцијација која се однесува на нивната бројност) никогаш не се сетиле пред изборите да излезат од владината коалиција и самостојно да си ги одмерат силите, туку токму секогаш се решаваат на самостојно делување кога се во комфорната зона и кога нечии други гласови и труд веќе ги довеле во фотелјите на власта?

Можеби е дојдено време кога, ако за ништо друго, барем за едно прашање, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба да постигнат согласност, а тоа е на следните парламентарни избори да излезат самостојно без да формираат предизборни коалиции и за секогаш да се решат од баластот и уцените на полтронските приврзоци кои им тежат повеќе отколку придонесот кој го имаат во изборниот процес и градењето на владините политики.

За политиката и однесувањето на поединците во неа, може многу да се научи непогрешливо од природата и природните закони. Сѐ што отстапува од нив, не е во полза на човекот и неговото општо добро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот