Глобалните цели на ОН се заложници на војната во Украина

Наместо за обврските за постигнување одржлив развој до 2030 година, светските лидери ќе издвојат повеќе време за заложби и критики за акутните проблеми – војната во Украина, катастрофалните поплави во Либија како суров доказ за опасноста од климатските промени, воените пучеви низ Африка или насилството во Хаити
Искоренувањето на екстремната сиромаштија и на гладот, обезбедувањето секундарно образование за секое дете на планетата, постигнувањето родова еднаквост или создавањето универзален пристап до одржлива енергија се големите и амбициозни цели на Обединетите нации што се турнати во заден план и на новиот собир на светските државници.
Светските лидери ќе издвојат повеќе време за заложби и критики за акутните проблеми – војната во Украина, катастрофалните поплави во Либија како суров доказ за опасноста од климатските промени, воените пучеви низ Африка или насилството во Хаити.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш веќе шест години не може да ги анимира светските лидери да застанат поцврсто зад обврските за 17 глобални цели, кои се клучни за да се запре продлабочувањето на јазот помеѓу најбогатите и најмоќни земји и на оние во развој и најсиромашните.
Ова Генерално собрание на ОН е прво со директно учество на лидерите, по неколкугодишни снимени обраќања од своите кабинети, поради пандемијата на ковид-19.
Макрон, Сунак, Сји и Путин „оправдано“ отсутни
Денес и утре од говорницата на Генералното собрание од вкупно 193 членки на ОН ќе се обратат 140 претседатели, монарси и премиери, како и шестмина потпретседатели, четворица вицепремиер и повеќе од 30 државни министри и шефови на делегации. Од петте постојани членки на Советот за безбедност, директно ќе се обрати само американскиот претседател Џо Бајден. Францускиот претседател Емануел Макрон во Елисејската палата ќе го пречека британскиот крал Чарлс, британскиот премиер Риши Сунак реши да остане во Даунинг 10, кинескиот претседател Сји Ѓинпинг никогаш не доаѓа на самити на ОН, а рускиот претседател Владимир Путин би ризикувал да биде уапсен поради обвинение за воени злосторства ако стапне на територијата на САД. Главна „ѕвезда“ во Њујорк овој пат ќе биде украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој в четврток ќе гостува и во Белата куќа на самит со Бајден.
Дипломати го оправдуваат поттурнувањето на долгорочните проблеми кон дното на листата со приоритети, укажувајќи дека војната во Украина веќе се одразува низ целата планета преку кризите со енергијата и со храната, а генерира поларизирање што е најсериозен глобален предизвик по Студената војна. Руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година ги уништи и онака тешките односи меѓу големите сили.
Гутереш бара решителност
Гутереш, кој ќе зборува за состојбата во светот, им порача на светските лидери дека мора да бидат решителни во соочувањето со проблемите.
– Не е време за позиционирање ниту за рамнодушност или нерешителност. Ова е време да се собереме за да изнајдеме реални и практични решенија. Време е за компромиси за подобро утре – изјави Гутереш.
Генералниот секретар оцени дека војната во Украина само ги продлабочила и ги влошила поделбите што постоеле и претходно, а забележа дека фрагментирањето и поларизирањето нема да помогне да се изнајде решенија за проблемите со кои се соочени сите земји и луѓе на планетата.

На почетокот на самитот, лидерите ќе усвојат политичка декларација на 10 страници во која се признава дека е загрозено остварувањето на целите на ОН и се изразува загриженост дека напредокот е пребавен, па дури и има назадување во однос на нивото од 2015 година. Лидерите повторно се обврзуваат да ги постигнат одржливите цели за развој, истакнувајќи ја нивната важност.
Декларацијата, сепак, не содржи конкретни точки. Гутереш се осврна на извештајот од јули дека од вкупно 140 конкретни чекори за остварување на глобалните цели, реализирани се само 15 отсто. Со ова темпо на неостварување на обврските, во 2030 година сѐ уште би имало 575 милиони луѓе во екстремна сиромаштија и 84 милиони деца нема да може да посетуваат и основно училиште.
– Мора да создадеме глобален план за спас на целите. Самитот е можност владите да претстават конкретни планови и предлози како да го забрзаме напредокот – истакна Гутереш.
Американско-кинеско ривалство
Генералниот секретар на ОН побара итни акции во три сегменти, надминување на презадолженоста и зголемениот ризик за задолжување, огромно зголемување на долгорочните инвестиции за развој, особено од јавните и мултилатералните банки и проширување на финансиските контингенти за земјите на кои им се потребни.
Извештај на ОН од февруари укажува дека презадолжувањето ги уништува економиите во многу земји во развој. Од 69 најсиромашни земји, дури 37 се веќе презадолжени или се под притисок од долгови, а една четвртина се соочени со висок ризик од фискална криза.
Швајцарската амбасадорка Паскале Баерисвил забележува дека во салата на Генералното собрание се чувствува растечкото ривалство помеѓу САД и Кина, а групата за човекови права Хјуман рајтс воч ги повика учесниците да не дозволуваат политиката да им го одземе централното место на човековите права.
САД не го гледаат собирот како поле на судир на големите сили.
– Оваа недела е можност помалите земји да излезат пред светот и да ги претстават своите приоритети. Јас не ја гледам оваа недела како натпревар помеѓу големите сили – изјави американската амбасадорка Линда Томас-Гринфилд.
Најголем интерес, сепак, привлекуваат САД, Кина, Русија и Украина. Зеленски утре на специјалната седница на Советот за безбедност посветена на Украина би можел лично да се сретне со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Организирани се и приватни средби на Гутереш со претставниците на Русија, Украина и на Турција, со цел Москва да му се врати на договорот за извоз на украинско жито преку Црно Море.