Глобална студија: Маските се најефикасното оружје против ковид-19

Пар со заштитни маски ковид-19 коронавирус
Фото: EPA-EFE/Sergio G. Canizares

Вакцините остануваат најмоќното оружје на човештвото во војната со вирусот, но тие го штитат организмот од тешки форми на болеста и од смрт, а не го спречуваат пренесувањето

Носењето маска на лицето е наједноставната и најефикасната превентивна мерка против ширење на заразата на ковид-19, намалувајќи ја инциденцата за 53 отсто, покажува првото глобално истражување од овој вид.

Вакцините остануваат најмоќното оружје на човештвото во војната со вирусот, но тие го штитат организмот од тешки форми на болеста и од смрт, а не го спречуваат пренесувањето. Вакцините, исто така, не се рамномерно дистрибуирани до сите делови на светот, а и таму каде што ги има доволно има отпор меѓу населението да ги примат, поради што светот тешко се доближува до посакуваното ниво на колективен имунитет.

Резултатите од новото истражување покажуваат дека основните мерки за заштита – носењето маска, одржувањето физичко растојание и редовното миење раце – сами по себе се ефикасни против пандемијата, а идеално би било да се комбинираат заедно со програмите за масовна имунизација за да се ограничи дејството на вирусот.

Низ светот досега се регистрирани повеќе од 250 милиони случаи на ковид-19, а се смета дека реално ги има многу повеќе. Речиси две години по првиот случај, темпото на пандемијата не само што не стивнува, туку и се засилува. По појавата на позаразната мутација делта, на секои 90 дена има по околу 50 милиони новозаразени луѓе.

Првата глобална анализа на нефармацевтски интервенции покажува дека носењето маска на лицето е најефикасната од сите мерки, не само против коронавирусот, туку и против други заразни болести што се пренесуваат низ воздухот, како сезонскиот грип, на пример. Истражувачи од универзитетите Монаш и Единбург, анализирајќи повеќе од 30 поединечни студии спроведени низ светот, пресметале дека само носењето маска ја намалува инциденцата за 53 отсто. Со речиси идентична ефикасност помага и миењето раце, додека држењето растојание за 25 отсто го намалува ризикот од пренесување на вирусот.

Како ефикасни оружја против вирусот се посочуваат и наметнувањето изолации и карантини, затворањата на границите, училиштата и работните места, но таквите мерки воопшто не се популарни меѓу граѓаните и се воведуваат во екстремно критични ситуации.

И носењето маски лани беше наметнато како задолжително во многу земји и средини, но сега таа мерка сѐ поретко се применува, а и не се почитува како порано. Холандската влада неодамна повторно го прогласи за задолжително носењето маски, а чекор во таква насока направија и Романија, Полска, Словачка и Чешка. Унгарија, пак, сѐ уште дозволува движење без маски, наспроти исклучително силниот бран нови зарази.

Различни приоди има и во Обединетото Кралство. Англија во јули ја укина обврската за носење маски, во Велс без нив не се дозволува пристап во јавниот транспорт и во сите јавни објекти, а во Шкотска носењето е задолжително дури и во пабови и ресторани, освен во издвоени места за седење.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот