Главоболка поради муралот на Бенкси: Станари платиле 230.000 евра за да го отстранат делото на уметникот

Во 2021 година, британскиот уличен уметник Бенкси нацрта мурал со галеб на ѕидот од куќата на една брачна двојка во Лоустофт, Велика Британија. Но, муралот стана комшмар за станарите, кои неодамна мораа да го отстранат.
Луѓето кои живеат во куќата биле изненадени кога едно утро го виделе делото на Бенкси насликано на ѕидот. Нивната прва помисла била дека имотот во кој живеат ќе има поголема вредност поради муралот, а втората – колкава одговорност треба да преземат, пишува британски „Тајмс“.
Но, првичното воодушевување се претворило во разочарување, бидејќи градските власти ги информирале дека треба да платат околу 46.000 евра за одржување на делото на уметникот, како и за заштита на делото од потенцијална кражба.
„Морав да ангажирам ноќен чувар да го чува муралот затоа што некој украл дел од него и се обидел да го продаде на Фејсбук. Вториот пат вандалите беа фатени со десетина лименки бела боја и очигледно сакаа да го обојат ѕидот“, изјави сопственикот на куќата.

Муралот бил отстранет, откако брачниот пар кој живее во куќата ангажирал специјализирана градежна компанија, која го зајакнала ѕидот со 12 слоеви смола и пет тони челик, пред кран од 12 метри да го отстрани целиот проект во едно парче. Се разбира, сè со соодветна дозвола од властите.
За отстранувањето на ова уметничко дело, сопствениците на куќата платиле 230.500 евра. Тие се надеваат дека ќе го продадат оригиналното дело на Бенкси.
„На почетокот беше неверојатно, но како што напредуваа работите стана исклучително стресно. Не сум сигурен дека Бенкси може да ги сфати несаканите последици од неговиот проект врз сопствениците на куќите. Да можевме да го вратиме времето назад, ќе го спречивме тоа“, велат сопствениците.
Уметникот ја презеде одговорноста за проектот во триминутно видео објавено на социјалните мрежи, на кое се гледа како тој создава уметнички дела во различни англиски приморски градови.
The last section of the #Lowestoft #Banksy #Seagull is flying away later today. pic.twitter.com/fzw2SfPgy3
— Lowestoft Central (@LowestoftCentr1) May 22, 2023