Главниот обвинител на Украина покрена кривична постапка поради ракетирањето на нуклеарката Запорожје

Запорожје
Запорожје / Фото: EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Канцеларијата на главниот обвинител на Украина објави дека покренала кривична постапка против, како што велат, ракетното и артилериско гранатирање на руската војска врз електраната Запорожје.

Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на најголемата нуклеарна централа во Европа.

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси синоќа повика на итен прекин на воените операции во близина на украинската нуклеарна централа во Запорожје, предупредувајќи на „многу реален ризик од нуклеарна катастрофа”.

Тој рече дека е „екстремно загрижен“ поради наводите за ракетирање на нуклеарната централа, најголемата во Европа.

Киев тврди дека руската армија од локации во близина на електраната гаѓа цивилни области, користејќи ја т.н.„терористичка тактика“.

Операторот на електраната во Запорожје, Енерхоатом, соопшти дека една „енергетска единица“ е затворена поради руски ракетни напади, додавајќи дека постои ризик од ширење на радијација.

Енерхоатом на социјалната мрежа Телеграм објави дека ракетните напади „сериозно го загрозиле безбедното работење на електраната“. Москва тврди дека нападите ги извршила Украина.

Руските сили ја зазедоа електраната во март, а украинските вработени сè уште работат таму.

Во изјавата, Гроси рече дека поради ракетирањето, постои „реален ризик од нуклеарна катастрофа што може да го загрози јавното здравје и животната средина“ во Украина и пошироко.

Тој додаде дека на украинскиот персонал во електраната мора да му биде овозможено да ги извршува своите должности „без закани и притисоци“.

„Заради заштита на луѓето во Украина и на други места од потенцијална нуклеарна несреќа, сите ние мора да ги оставиме нашите разлики настрана и да дејствуваме веднаш. МААЕ е подготвена“, рече Гроси.

Тој претходно изјави дека електраната во Запорожје е „целосно надвор од контрола“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот