Главниот австриски антиваксер почина од ковид-19, се клистирал со опасна хемикалија

Јохан Биачич / фото: принтскрин

Еден од предводниците на движењето против вакцините во Австрија, кој изјави дека се лекувал од ковид-19 со хемикалија присутна во некои средства за избелување, почина од компликации на болеста, јавија светските медиуми.

Јохан Биачич, според извештаите, се заразил со коронавирусот во октомври, кога објави дека почнал „третман“ со хлор диоксид, супстанца која е дел од повеќето индустриски избелувачи и која лажно се промовира како средство за лекување на ковид-19.

Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) повеќепати предупредуваше да не се купуваат, пијат и на друг начин користат производи кои содржат хлор диоксид, затоа што не постојат докази за неговата делотворност во борбата против вирусот. Покрај ова, хемикалијата може да предизвика сериозни здравствени последици и смрт, велат од ФДА.

Во објава на неговата лична веб-страница, Биачич тврдел дека бил целосно излечен со употреба на препарат кој содржел хлор диоксид.

„Земав хлор диоксид и исто така правев клистирање со високи дози хлор диоксид“, пишуваше во објавата. „Како што се покажа подоцна, успешно се .изборив со ковид-19 со ова. Селф-тестовите што ги направив беа сите негативни“, напиша тогаш тој.

Но, состојбата на 65-годишниот Биачич набргу значајно се влошила и тој бил примен во болница на почетокот на ноември, со ниска сатурација на кислород во крвта и потешкотии во дишењето. Во болницата му бил направен ПЦР-тест, кој бил позитивен, пишува германскиот неделник Ди Цајт.

Биачич го одбил третманот што му го понудиле лекарите, убеден дека ја победил акутната инфекција. По некое време, тој дури одлучил да ја напушти болницата и го повикал синот, кој го одвел дома.

Тогаш Биачич нарачал сѐ што му било потребно за да си дава самиот на себеси инфузии со хлор диоксид. Но, само два дена подоцна, тој починал. Не е јасно дали користењето на хемикалијата придонело за неговата смрт.

Според американската ФДА, конзумирањето производи кои содржат хлор диоксид потенцијално може да биде „животозагрозувачко“

„Користењето на овие производи може да доведе до сериозни несакани дејства, вклучително и колапс на респираторниот систем, промени во електричната активност на срцето, опасен низок крвен притисок предизвикан од дехидрација, акутен колапс на црниот дроб, ниски вредности на бројот на крвните зрнца, тешко повраќање и пролив“, се вели во официјалните насоки на ФДА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот