Гласот за Левица е глас за СДСМ!?

Дали Левица е и мала и опозициска партија (таа е уште нешто полошо, ама тоа е друга тема)? Да. Дали гласот за неа е глас за Левица? Не. Тоа е глас за СДСМ! Ако не верувате, прашајте во ВМРО-ДПМНЕ.

Во минута до дванаесет, како за инат на тие кои викаат дека не се случува ништо на политичката сцена стигна најава: ќе се формира партија „Демократски фронт – пркос“. Не се знае, засега, кои се тие поранешни партиски функционери, учесници во Шарената револуција и дебитанти во партискиот живот, значи тие кои планираат да бидат основачи. Иницијативниот одбор (веројатно ги знае) тврди дека станува збор за луѓе посветени на борбата за праведно општество и на јавниот интерес, за подобра економија и правда, здравство, образование…дека се незадоволни од политичката и од економската ситуација и кадри кои сметаат дека „за Македонија ова е минута до дванаесет“.

Ако по некоја случајност не успеат веднаш, уште на основачкото собрание, да ја направат голема партија, од форматот на ВМРО-ДПМНЕ, на пример, и ако веднаш не стане владејачка тогаш, како мала, ќе биде само уште една, нова жртва што ќе загине на демократскиот опозициски фронт за победа на СДСМ.

Така покажуваат математички прецизните резултати од материјалот што го анализирал потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Александар Николоски е резолутен: гласот за помалите опозициски партии е глас за СДСМ!  „Имаше места каде што ВМРО-ДПМНЕ за ситно не освојуваше пратеник плус. Кога ќе додадете една маса од 60.000 гласа што отидоа надвор од орбитата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе видите дека ВМРО-ДПМНЕ можеше да победи со разлика од шест до осум пратеника и сега да има една стабилна македонска влада, што во моментот ја нема. Ова е една порака за локалните избори, се надевам и за предвремените парламентарни избори, да се хомогенизираат опозициските гласови, гласовите од револт, на едно место“.

Не треба да се прави предлабока анализа за да се види плиткоста на демократскиот, парламентарниот, политичкиот, плуралниот, па и на културниот капацитет на ваквите тоталитаристички, едноумни, поточно неумни пораки. Башка, ниту се нови, ниту коректни, уште помалку оригинални. Буквално истата теза – гласот за малите партии и коалиции ќе биде глас за Заев и за СДСМ – ја кажа и неговиот претходен лидер и ментор Никола Груевски во 2016 година, кому Николоски веќе не сака ни гласот да му го чуе. Груевски се обиде сите партии да ги хомогенизира во орбитата на неговата. Отиде и подалеку – реши од партијата да направи движење, и таа од тогаш не мрдна од место на ниеден план.

Сепак, најдалеку во оваа бизарна хајка против „помалите“ партии, поточно против нивните гласачи, отиде ДУИ. Не само со броењето „изгубени“ гласови, туку со барањето да нема ниедна друга партија на Албанците во Македонија, освен ДУИ!

Ниедни избори не поминале, а еве нема ни следниве, без ваквите математики на сметка на малите партии. За среќа, или за жал, ниедна од нив не реагираше на ваквите повици за собирање на гласовите на едно место. Во ВМРО-ДПМНЕ, се разбира. Или ги сметаат за непресметливи или за недостојни за одговор, иако се директен, отворен, навредлив атак врз нивните гласачи. А дали и колку има логика во сето тоа лесно може да се провери со еден мал тест. На пример: Дали Левица е и мала и опозициска партија (таа е уште нешто полошо, ама тоа е друга тема)? Да. Дали гласот за неа е глас за Левица? Не. Тоа е глас за СДСМ! Ако не верувате, прашајте во ВМРО-ДПМНЕ. Значи, ако гласачите на Левица го послушаа апелот на Груевски од 2016 година, таа партија досега или немаше да постои или ќе беше во ВМРО-ДПМНЕ, ама сигурно немаше да стане поголема отколку што беше. (Има многумина што мислат дека згрешиле што не го послушале, ама сега е доцна).

Ваков третман од големата ВМРО-ДПМНЕ ќе доживее и новата партија „Пркос“. Ако биде мала и ако е во опозиција. Ако пак сака да избегне барем една од овие две несреќи, тогаш мора да го следи рецептот на Стевчо Јакимовски. Тој направи мала партија, ама таа веднаш, во минута до дванаесет, стана владејачка. Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш немаа никакви посебни забелешки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот