Гласањето во Тетово се одвива без поголеми проблеми, нервозни граѓани поради застој на фингерпринти

Локални избори 2021 во ОУ „Лирија“, Тетово / Фото: Слободен печат - Mарија Весова

Поделени реакции на гласачите за гласањето за локалните избори со новите уреди на избирачките места во Општина Тетово. Дел граѓани се задоволни бидејќи отпечатокот од прст на фингерпринтот бил препознаен и брзо завршиле со гласањето. Но дел избирачи нервозно чекаат пред гласачките места, бидејќи гласањето е забавено или во прекин поради новите уреди кои или не ги препознаваат отисоците од прст или, како на гласачкото место во Основното училиште „Лирија“, се рефреширал фингерпринтот.

Чекаме повеќе од половина час и никако да влеземе да гласаме. Ваквиот начин на гласање со отпечаток од прст е апсурд оти очигледно не им функционираат апаратите, ни изјави нервозно гласач кој со својата придружничка чекаше пред гласачкото место во „Лирија“ за да влезе и да го оствари своето уставно право на глас.

И други граѓани негодуваа бидејќи пред гласачкото место веќе имаше редица од околу 30 граѓани.
Но не беа нервозни само граѓаните. На гласачкото место каде според Избирачкиот одбор, застојот е поради рефреширање на податоците во фингерпринтот, видно нервозни одбија да ни дадат изјава.

Локални избори 2021 во ОУ „Лирија“, Тетово / Фото: Слободен печат – Mарија Весова

Претседателот на избирачкиот одбор на гласачкото место 1976 во училиштето „Лирија“ Фатон Мустафаи ни изјави дека гласањето се одвива без поголем проблеми и дека можен е мал застој при гласањето само ако уредот не го препознае отисокот од прст.

Секретарот на Општинската изборна комисија на Тетово, Назми Даути вели дека сите избирачки места во Тетово биле на време отворени, дака гласањето се одвива без проблеми и дека до 15 часот на ниту едно избирачко место немало прекин подолг од 1 час за гласањето да мора да биде продолжено по истекот на законски утврдениот термин за гласање до 19 часот.

– Сите 117 избирачки одбори што ги имаме како Општинска изборна комисија се отворени на време во 7 часот. Иако утрово имавме некои тејнички проблеми, не можеа да се поврзат уредите со принтерите, при комуникација со избирачките одбори и ИТ инженерите обезбедени од ДИК проблемите се надминаа. Имаше и граѓани кои не можеа да се идентификуваат преку уредите за биометриско идентификување, ни преку отисок од прст, ни преку лична карта и при внес на матичниот број, но ДИК предвидува да може да гласа граѓаниот со потпис во отпечатениот извод од избирачкиот список но мора да остави и отисок од прст, вели Даути.

Тој додава дека до сега, според информацииите од избирачките одбори никаде немало непочитување на законот.

Даути вели дека поради техничките проблеми немало пречки во гласањето за тоа да мора да се продолжи, но дека поради тоа се создавале гужви на избирачките места. Даути информира дека до 15 часот излезноста во Тетово е 27 отсто но дека не се внесени податоците од сите избирачки места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот