Гласај. Изгуби. Игнорирај. Повтори

петар арсовски
Петар Арсовски, политички аналитичар / Фото: Слободен печат

Какви малери сме: имаме две поголеми политички партии, двете хендикепирани. Кај едните е месото, кај другите компирот, а нам ни треба – компир манџа.

Не преостанува да ме изненадува леснотијата со која поголемиот дел од македонските партии, но и од политичките елити во светот, ги игнорираат лекциите од електоратот и политичкото опкружување. Како по правило, лекциите што не се применети, гласачите имаат незгодна навика да ви ги повторат, но погласно. Стагнацијата, некои би рекле и кризата на светската политичка понуда, има сериозна и директна корелација со одбивањето на политичките елити да се соочат со реалноста на кризата на идеолошката подлога кај гласачите, па со тоа и да одбиваат да се адаптираат или да се променат, надевајќи се дека всушност, гласачите се оние што ќе го сменат мислењето, или барањата.
Ваквиот стратегиски погрешен однос кон динамиката помеѓу електоратот и политичката понуда, ќе донесе до дополнителни разлики, т.н. „дисконект“ на реалноста што ја проектираат политичарите, со реалноста која ја чувствуваат гласачите. Ова, ако се следи историската емпирија, најчесто резултира со вриење на политичкиот амбиент, и сѐ поголем притисок за промени. – Тие неминовно ќе се случат: или мирно, или бурно.

Примерите на САД и на Бугарија

Прв пример за ова се САД. Таму, дури и официјалната кривична пресуда против Трамп не ги помести значајно рејтинзите на политичките противници. И додека старите политички елити се вџашени од тоа што ќе значи за демократијата во САД ако еден осуденик се појави во трката за претседател, па уште ако победи, на најголемиот дел од американските гласачи тоа ништо не им значи. Длабоката поделеност на електоратот нема никаква врска со квалитетот на кандидатите – таа во најголем дел е исконски масовен психолошки одговор на потребата на гласачите да „ги измешаат картите“.
Едните (поддржувачите на Доналд Трамп) се толку длабоко убедени во „длабоката држава“, во теориите на заговор, и имаат толку набиена енергија против кој било естаблишмент, што никаков доказ или аргумент нема да ги поколеба. Вториот дел од електоратот, пак, се толку длабоко исплашени од можноста да победат „дивите“, од тектонските промени кои тоа може да ги предизвика за демократијата во САД воопшто, но и за нивната улога во светот, што се затворени во своите идеолошки тврдини, подготвени да поддржат кого било против овој наплив на антиестаблишмент гласачите, и притоа забораваат дека одбивајќи да се соочат со новите трендови, и одбивајќи да се променат, всушност најмногу придонесуваат за зголемувањето на поддршката на анархистите, давајќи им аргумент зошто промената мора да се случи на сила, со игнорирање на досегашните правила.
Втор пример е Бугарија, каде што ситуацијата е можеби најеклатантен пример во последно време, на овој феномен на слепило од страна на политичките елити, додека гласачите вријат од нервоза. Бугарија излезе на избори шести пат, а може да се случи и седми, во неколку години. И притоа, политичарите упорно одбиваат да разберат што е тоа што електоратот им го порачува, излегувајќи во сѐ помал број за етаблираните партии – со исти играчи, исти приказни, и исти методи, резултатот ќе биде ист. Сѐ додека не се направи некаков национален консензус за реформи, или не се појават нови играчи на сцената (по правило новите се секогаш порадикални од старите), таму суштинско решение за напредок – нема. Европските избори се најдобар доказ за тоа – кога етаблираните лидери ги игнорираат чувствата на електоратот, надевајќи се дека ќе успеат да ги убедат во својата приказна – електоратот ќе им се довери на некои нови дечки, колку и тие да изгледале радикално или контроверзно. Суштинската порака е дека сентиментот на гласачите, колку и да бил тој нелогичен или нерационален, секогаш претставува независна варијабла, на која политиката треба да се приспособи, а не обратно.

Ни треба компир манџа

Се разбира, домашните политички маријачи не се исклучок од овој тренд. По не знам кој пат, македонскиве партии се соочуваат од истата порака од електоратот, која упорно ја игнорираат. СДСМ одбива да се соочи со вистинската порака – дека се неопходни коренити промени, а не избрзани козметички решенија. Во нивниот најдобар манир, за „мир во куќа“, ќе сменат – ама баш ништо. Ќе чекаат ВМРО-ДПМНЕ да се удри во ѕидот на национализмот и погрешната геостратегиска политика, и во неможност да испорача иднина, да се сврти назад дома со нови авторитарни глупости, за СДСМ после да дојде „на готово“. За беља, може баш така и да излезе на крајот.
Какви малери сме: имаме две поголеми политички партии, двете хендикепирани. СДСМ знаат во кој правец треба да чекориме, ама се толку неспособни што ни врвците на чевлите не можат да ги врзат, не пак чекор да направат. ВМРО-ДПМНЕ, пак, и со врзани чевли, совршено подготвени во низок старт, но со неонски знаци да им го одбележиш правецот во кој треба да трчаат, ќе најдат начин да зачекорат наназад. И тие две множества на потенцијално добри страни, никако немаат пресек. Кај едните е месото, кај другите компирот, а нам ни треба – компир манџа.

Преземено од Дојче Веле

(Авторот е политички аналитичар и публицист)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот