Гласачкото ливче за појадок, ручек и за вечера

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Процените на Кастриот Реџепи излегоа попаметни од зовриените – па оладени – амбиции на целиот опозициски фронт, вклучувајќи ја и „брзата птица тркачица“ Заев со најавата за својата премиерска оставка.

Како што стојат работите по изборите во Бугарија, конечно, со „трета среќа“, таму најверојатно ќе се создадат услови за формирање политичко „правителство“. Важно е тоа за граѓаните на нашиот источен сосед, бидејќи со гласачка излезност од околу 40 отсто и на бугарските политичари им е совршено јасно дека довербата во системот е веќе падната под секакви критични демократски нивоа. Третиот вонреден изборен циклус во само една година ќе остане запаметен по жената што на гласачкото место, јавно, во знак на протест, буквално го изела гласачкото ливче!

Што се однесува до нас, најавите на двата главни кандидати за формирање влада во Софија – и ГЕРБ и оние, новите, од „Промената продолжува“ – се подобри отколку што навикнавме во целата измината година. Бугарија беше изложена на потсмев и притисоци од сите нејзини важни западни меѓународни партнери, бидејќи ставовите и причините за евроинтегративната блокада навистина ѝ беа „живковистички“, дури и под изговорот за негувањето на нашиот „титоизам“ кон неа.

А и Каракачанов неславно замина во актуелната бугарска политичка историја. Едвај надмина 1 отсто од гласовите. Еден професионален провокатор помалку.

Со тоа се отвора реална шанса за поинаков пристап кон крајов на декември во ставовите на Софија за отворањето преговори на Македонија и Албанија со ЕУ. Додуша, никој овде веќе не сака да се залетува со поволни прогнози и позитивни пораки, бидејќи досегашните проевропски разочарувања, по сите братски целувки и здравења се толку големи што не остана енергија ни за обични пријателски насмевки, а не па оптимизам.

Викендов го гледав и интервјуто на Еди Рама за ТВ Франс 24/RFI , кој „кисело“ им одговараше на двете дами во студиото за европската иднина на неговата земја, прогласувајќи се за „колателарна штета“ на бугарскиот спор со историјата, а уште повеќе со сегашноста. И Тирана е во невесело исчекување, без преголема надеж дека во Брисел некој има сила, па и желба за дефинитивно испорачување на ветеното.

Парадоксално, можеби оваа општа разочараност е вистинската атмосфера за постигнување некаков договор за почеток на договарањето околу спроведувањето на Договорот за добрососедство помеѓу Скопје и Софија. Ако е до Борисов, тој пред третиот изборен циклус веќе предварително најави, во својот шарлатански стил, дека за целиот меѓународен срам што падна врз Бугарија со Македонија е виновен Радев и само Радев, по што тој би бил принуден да прави отстапки кон Скопје, доколку повторно му се пружи премиерска шанса по изборите… Првенците од „Промената продолжува“, пак, имаат многу посериозен пристап: според нивните најави, историјата треба да престане да биде единствената рамка за односите со нивниот западен сосед – бизнисот, трговијата, културата итн. се содржините што мора да го водат прогресот во меѓусебните односи… Е, ајде де!

Во секој случај, како и да заврши оваа епизода во македонско-бугарските односи, ваквиот развој на настаните потврдува дека авантурата со соборувањето на сегашната Влада во Скопје ќе беше политички „луксуз“ што никому овде не му е потребен. Процените на Кастриот Реџепи излегоа попаметни од зовриените – па оладени – амбиции на целиот опозициски фронт, вклучувајќи ја и „брзата птица тркачица“ Заев со најавата за својата премиерска оставка.

Време е овде да се смират страстите. Редоследот е: Буџет, Бугарија, пандемија и енергија… Па, од пролет, повторно општа тепачка за пратеници, гласови и власт. Во меѓувреме упатно е да се следи здравствената состојба на госпожата што си го изеде гласачкото ливче на изборите во Бугарија, за да видиме дали и таа опција ќе ни стои на помасовно располагање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот