Гласаат 7921 болни и немоќни лица, како и 476 лица со ковид-19

Избори во Македонија за време на пандемијата со ковид-19 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Гласањето на Локалните избори 2021 започнува денеска со изјаснувањето на болните, немоќните и лицата со ковид-19 и во самоизолација чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии, затворениците, лицата во притвор, во старските домови и внатрешно раселените лица.

Седмите локални избори во земјата ќе се одржат утре. Ќе се гласа за 10 831 кандидат од кои 299 кандидати за градоначалници, а останатите за советниви. Најголем дел 91 листа се од група избирачи односно независни, а 31 се политички партии и коалиции.

На изборите првпат ќе се применуваат уреди за биометриска идентификација на гласачите со отпечатоци од прсти. Сепак, ДИК одлучи лицата што ќе гласаат денеска да не бидат проверувани со овие уреди, туку гласањето да се спроведе УВ ламба, со која се проверува дали лицето претходно гласало, и со прскање со спреј, за да се обележи дека веќе е искористено правото на глас.

Според информациите од ДИК, денеска ќе гласаат 7921 болни и немоќни лица чии пријави се прифатени од ОИК, како и 476 лица со ковид-19 и во самоизолација.

Гласањето на болните и немоќните ќе го спроведуваат избирачките одбори, додека за гласањето на лицата со ковид-19 и во изолација се формирани посебни избирачки одбори составени од медицински лица.

Доколку некое од овие лица чии барања за гласање се потврдени не биде најдено во својот дом од страна на избирачкиот одбор, правото на глас нема да може да го оствари на денот на гласањето.

Во поседниот извод на Избирачкиот список се запишани 1899 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор, 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, во согласност со евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.

Гласањето ќе се одвива согласно општите мерки за спречување на ширењето на ковид-19, а нив ќе мораат да ги почитуваат како членовите на избирачките одбори така и гласачите.

Резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата со ковид-19 и во самоизолација, ќе бидат објавени заедно со резултатите од неделното изјаснување на Локалните избори.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот