„Глас за Македонија“: Нема да учествуваме на локалните избори во Штип

Како општествено одговорна партија, иако сме јавно предизвикувани да учествуваме на изборите, нашиот единствен одговор е не, се вели во партиското соопштение на „Глас за Македонија“.

– Сметаме дека на уште едни „корона“ избори не треба да се настапува, иако имаме одличен кандидат. Тие нема да бидат ниту фер, ниту демократски, а најмалку безбедни. И еден загубен човечки живот поради оваа сложена операција, ќе биде доволна причина да не влегуваме во опасна авантура. Ако во јули се велеше дека мора да се одржат предвремените парламентарни избори поради доаѓањето на вториот жесток бран на пандемијата, какво е оправдувањето токму среде тој бран да се одржуваат било какви избори, прашуваат од „Глас за Македонија“.

Во дописот на партијата, меѓу другото, се забележува на, како што стои, „одлуката на премиерот Заев да назначи актуелен градоначалник за министер што го сметаме не само за неодговорно, туку и за директно загрозување на јавната безбедност.

– Македонија многу лошо се справува со епидемијата. Бројките на заразени, а посебно смртноста се меѓу највисоките во Европа. Болничките капацитети се полни, здравствените работници се на раб на издржливост. Влегуваме во нова, можеби најопасна фаза на пандемијата кога во целиот свет се воведува целосно или делумно затворање на цели региони, кога секој доктор и медицинска сестра се ставаат во функција на здравството. А кај нас се најавени избори кои не мораа и не смеат да се случат, порачуваат од „Глас за Македонија“.

Партијата ги повикува министерот за здравство, Венко Филипче и Комисијата за заразни болести да не потклекнуваат по втор пат пред политиката и да не дадат виза за оваа масовна операција.

– Во спротивно и нив ќе ги сметаме за соучесници во ширење на заразата. Поради сето ова, „Глас за Македонија“ нема да учествува на ниту едни избори среде вака опасна пандемија. Предвремени или редовни. Здравјето на граѓаните пред се и над се, заклучуваат од „Глас за Македонија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот