Ѓукановиќ: Србија се обидува да докаже дека Црна Гора е српска држава

Фото: EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ изјави дека Србија се обидува да докаже дека Црна Гора е српска држава и дека со својата државна политика се доведува во прашање црногорската независност.

– Затоа е многу важно да се завршат илузиите дека е возможно да се менуваат границите на Западен Балкан. Кога Србија ќе се одрече од тие свои аспирации спрема Црна Гора, верувам дека ќе можеме да се послужиме со искуството на соработката на Чешка и Словачка, рече Ѓукановиќ во своето интервју за словачката телевизија ТА3, пренесува РТЦГ.

Неговата визија е, како што вели Ѓукановиќ, Црна Гора и Србија да имаат односи како Чешка и Словачка, а Подгорица се труди да ја сочува шансата за таков однос и во иднина, напомена тој.

Сепак според црногорскиот претседател, проблемот во Белград трае со векови.

– Србија се обидува да докаже дека Црна Гора е српска држава, дека Црногорците се навистина Срби, дека не постои црногорска црква и култура, изјави Ѓукановиќ.

Тој напомена дека нема сомнежи дека Црна Гора ќе остане независна и стабилна на својот пат кон Европската унија и дека е убеден дека Црна Гора ќе биде првата наредна членка на ЕУ, бидејќи, како што тврди тој, таа најмногу напредувала во процесот на преговори.

Видео на денот