Ѓукановиќ не му го дава мандатот за новата влада на Миодраг Лекиќ, не биле исполнети условите

Мило Ѓукановиќ/ Фото EPA-EFE/IGOR KUPLJENIK

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, ѝ предложи на претседателката на Парламентот Данијела Ѓуровиќ да се скрати мандатот на законодавното тело, додавајќи дека не може да го прифати предлогот Миодраг Лекиќ да биде мандатар за состав на новата влада, бидејќи смета оти не се исполнети потребните услови.

Ѓукановиќ во образложението за скратување на мандатот на Парламентот наведува дека согласно член 95 точка 5 од Уставот на Црна Гора, на 15 и 16 овој месец одржал консултации за мандатот за состав на влада со претставници на парламентарните партии, односно коалициите застапени во Парламентот. Според Ѓукановиќ, на повикот за консултации не се одзвале претставниците на Демократскиот фронт (ДФ), Демократска Црна Гора (ДЦГ), Социјалистичката народна партија (СНП) и на Граѓанското движење УРА.

„Не можев да го прифатам предлогот да му се довери мандатот за состав на влада на господинот Миодраг Лекиќ во име на партиите кои освоија мнозинство мандати на изборите во 2020 година, бидејќи сметам оти не се исполнети сите потребни услови за тоа. Јавноста беше информирана од некои претставници на партиите што учествуваа во разговорите дека предлогот добил само вербална поддршка, а потписи за поддршка не дале членовите на УРА, СНП и ЦИВИС”, нагласи Ѓукановиќ.

Според него, не биле приложени потписи од мнозинство пратеници, така што добил впечаток оти не постои јасно мнозинство што би било во состојба да формира влада.

Напротив, смета дека не постои политичка согласност за формирање влада, што тој го смета како намера да се троши време за продолжување преговори околу поделбата на ресорите и „позииции по длабочина”, што би довело до дополнително слабеење на државата.

„Врз основа на горенаведеното, разговорите што ги водев, фактот дека претставниците на партиите што ги споменав го игнорираа повикот за консултации и неубедливиот предлог што го добив, што беше јавно преиспитан од одредени претставници на партиите кои тврдат дека имаат мнозинство, Ве известувам дека консултативниот процес јасно покажа дека нема основа да се предложи мандатар во рокот предвиден со Уставот кој би обезбедил поддршка во Собранието на Црна Гора за состав на 44-та влада на Црна Гора. Затоа, согласно уставните овластувања, го поднесувам предлогот за скратување на мандатот на 27-от состав на Парламентот на Црна Гора”, објасни претседателот на државата.

Тој смета дека тоа е најоптимално решение во дадената политичка ситуација и оти е во најдобар интерес на сите црногорски граѓани бидејќи отвора можност за организирање на предвремени парламентарни избори во најкус можен рок, што ќе овозможат избор на влада која ќе дејствува во полн капацитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот