Ѓорѓиевски му возврати на Бислимоски: Јас сум за лебот ти си за струјата

Горан Ѓорѓиевски / Марко Бислимоски / Фото Слободен печат колаж

Бислимоски е чинам претседател на Регулаторна комисија за енергетика, тој нема врска со земјоделие и воопшто со прехранбената индуструија за да може да дефинира дали ќе има таму посакувања, или не, му порача претседателот на Агрокомората на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика во врска со изјавите за цената на лебот

Претседателот на Агрокомората Горан Ѓорѓиевски одговарајќи на новинарски прашања за идната цена на лебот рече дека секоја компанија ќе си направи своја анализа, а крајниот збор ќе го каже пазарот. Во однос на претходните изјави на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски дека новиот ценовник на струја од 1 јули нема да влијае врз цената на лебот, затоа што 90 отсто од лебот доаѓа од големите пекарници, кои сами си купуваат леб на слободниот пазар, Ѓорѓиевски му порача дека тој не е компетентен за цените на храната.

-Бислимоски е чинам претседател на Регулаторна комисија за енергетика, тој нема врска со земјоделие и воопшто со прехранбената индуструија за да може да дефинира дали ќе има таму посакувања, или не. Пазарот, односно понудата и побарувачката ја дефинираат крајната цена. Не сме во советско социјалистичко време нешто некој да презема на товар на приватни правни субјекти. Лошите политики за време на ковид-кризата со скапа струја по 600 до 700 евра за мегават час, кога сите околу нас купуваа по 80 евра ги доведоа компаниите во многу сложена и тешка ситуација. Да не влегуваме во замрзнување на цените … – вели Ѓорѓиевски.

Тој вели дека цената на струјата делумно има влијание врз крајната цена на лебот, но најголемо влијание имаат човечките ресурси бидејќи платите се сериозно зголемени. Тој рече дека секоја компанија ќе си направи анализа и ќе си формира цена.

-Ние немаме анализа колкаво е учеството на големите пекарници кои се на слободниот пазар, а колку се мали пекарници што купуваат струја по регулирана цена. Не знам од каде му се тие податоци на Бислимоски – рече Ѓорѓиевски.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, претходно на прес конференција рече дека големите пекарски компании се законски обврзани да обезбедуваат електрична енергија на слободниот пазар и оти тие немаат врска со цената за домаќинствата и малите фирми, која треба да се менува на 1 јули.

– Големите пекарски компании во државата, кои обезбедуваат најголем дел, односно над 90 проценти од потребите за леб, мора да одат на слободен пазар на електрична енергија. Тие никогаш не биле снабдувани од универзалниот снабдувач – рече Бислимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот