Ѓоргиев: Се надевам на победнички старт во Европската сребрена лига

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Македонската одбојкарска машка сениорска репрезентација предводена од селекторот Ратко Павличевиќ одигра два контролни натпревари во Маврово против Албанија.

Во првиот меч нашите одбојкари беа подобри со 3:1, а во вториот триумфираа Албанците со резултат 3:0 во сетови.

Овие два меча служеа како подготовка пред настапот во Европската сребрена лига во која ќе ги одмериме силите против Албанија, Романија и Босна и Херцеговина.

Стартот во Европската сребрена лига за одбојкарите е на 25 мај на домашен терен против БиХ, по што ќе следува гостување кај Романија.

Потоа избраниците на Павличевиќ ќе одиграат два натпревари против Албанија, а во последните две кола Македонија прво ќе ја пречека Романија, а потоа ќе гостува во БиХ. Пласман на завршниот турнир што на 18 и 19 јуни ќе се игра во Унгарија, ќе обезбедат двете првопласирани репрезентации. Потоа репрезентацијата ја очекува настапот на Медитеранските игри во Алжир (25 јуни – 5 јули).

И покрај половичниот успех во Маврово, капитенот на нашата селекција Никола Ѓоргиев вели дека нема потреба од загриженост.

– Поминаа и првите пријателски натпревари, единствени пред почетокот на Европската сребрена лига, со една победа и еден пораз. Во некои сегменти од покажаното на тие мечеви, можеме да бидеме задоволни, баш сум изненаден од желбата и мотивацијата на соиграчите, но има и делови во играта кои се негативни на кои мораме да поработиме. Сигурно дека сега се наоѓаме во еден нов амбиент, со нови играчи на кои им треба малку време, трпение, со цел сите заедно да се прилагодиме. Ги имаме последните три тренинзи пред првиот меч со БиХ. Секојдневно нашите апетити се зголемуваат и се надевам добро ќе стартуваме и дека ќе ги победиме Босанците – вели Ѓоргиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот