Ѓоргиев: Против БиХ ја покажавме правата слика, им честитам и на помладите

Никола Ѓоргиев/Фото: EPA-EFE/KIMMO BRANDT

Македонската одбојкарска сениорска репрезентација предводена од селекторот Ратко Павличевиќ имаше успешен старт во Европската сребрена лига со триумфот над Босна и Херцеговина (3:0).

Нашите репрезентативци во рамките од групата „Б“ веќе за три дена ги очекува нов настап, гостувањето кај Романија која исто така започна со победа против Албанија (1:3).

Најефикасниот во победата против Босанците, Никола Ѓоргиев вели е среќен поради триумфот над Босанците, но вели дека не треба да „летаме во облаци“, туку да се биде цврство на земја и чекор по чекор да се оди во натпреварувањето.

– Искрено ова ми е една од најдрагите победи во македонскиот дрес. Пред мечот како да имав чувство дека првпат играм во репрезентација. Имаме тројца млади играчи, а ние постарите треба малку да се аклиматизираме, да помогнеме, да бидеме ментори, а од друга страна сакаш да победиш, сакаш да одиш на Фајнал-фор, по седмипат, и сето тоа беше измешано во главата. Морам да ја пофалам селекцијата, ја покажавме правата слика, одлично сервиравме, одлични со два-три блока во одбрана. Им честитам и на помладите кои издржаа, не е лесно. Ние постарите ја водиме оваа селекција, нонстоп се бориме. Сакам да бидеме константни на Фајнал-фор турнирите, на Европските првенства, благодарам на тоа што одиграа феноменално, благодарност и до публиката која ни ја даде поддршката. Ова е прва победа, има уште пет натпревари, нема полетување, мирни сме на земја, одиме чекор по чекор – рече Ѓоргиев по мечот со БиХ.

Нашиот капитен вели дека Романците ја имаат фаворитската улога в сабота, но доколку се продолжи со истото темпо може да се надеваме на нов добар резултат.

– Доколку не успееме, ништо посебно. Собираме искуство, ја градиме репрезентацијата, не сакам да звучам дека еве веќе се подготвуваме за Европското првенство 2023, да создаваме некаков притисок, желбата ми е само да одиме од поен во поен, да напредуваме и да бидеме на констано ниво според кое ќе бидеме препознатливи. Сакам да имаме повеќе конкуренција во тимот, видовте Костиќ влезе во игра и го стабилизираше приемот. Значи, така можеме да се менуваме и да не се почувствува драстично таа смена на генерации. Момците покажаа знаење, храброст, инает, победнички менталитет. Добро што и третиот сет против БиХ беше понеизвесен, да го добиевме убедливо, за мене ќе беше нереално и ќе одевме во Романија со нереална слика. Ние не сме толку добри во моментов за толку лесно да победуваме. Секој освоен сет ќе биде плус за нас, и да загубиме со Романија, наша цел ќе биде да триумфираме над Албанија на домашен терен – рече Ѓоргиев.

Видео на денот