Ѓоковиќ убедливо славеше во првото коло на „Ролан Гарос“

фото: EPA-EFE/YOAN VALAT

Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во второто коло на „Ролан Гарос“. Ѓоковиќ на стадионот „Филип Шатрије“ го совлада Американецот со српско потекло Александар Ковачевиќ со 3:0, по сетови 6:3, 6:2, 7:6 (7:1) за два часа и 26 минути. Третиот тенисер во светот во второто коло ќе игра против Мартон Фучович од Унгарија.

Почетокот првиот сет беше изедначен до шестиот гем, кога Ѓоковиќ го направи првиот „брејк“ во мечот. Поведе со 4:2, а потоа рутински го приведе сетот до крај и по 35 минути поведе со 1:0.

Очигледно беше дека Ѓоковиќ ги прочита сите идеи на Ковачевиќ во играта, па уште подобро го одигра вториот сет. Направи „брејк“ на стартот, па уште еден за 4:1, а потоа мирно го приведе сетот до крај за 2:0.

И во третиот сет стартот беше ист како и во вториот. Веќе во воведниот гем Ѓоковиќ му го одзеде сервисот на ривалот, а потоа го потврди „брејкот“. Сепак, Ковачевиќ го подигна нивото на својата игра, што резултираше со првиот „брејк“ во мечот за 3:3. Но, Србинот не чекаше долго на „рибрејк“. Во следниот гем уште еднаш му го одзеде сервисот на ривалот и поведе со 4:3.

Ѓоковиќ имаше и 5:3, но Ковачевиќ повторно успеа да му го одземе сервисот на Ноле во моментот кога сервираше за мечот и дојде до 5:5. Ковачевиќ првпат поведе на мечот со 6:5, а српскиот ас потоа го одведе третиот сет во „тај-брејк“ кој го доби убедливо со 7:1.

Ѓоковиќ на овој меч направи 40 винери и 22 неизнудени грешки, додека Ковачевиќ направи 25 винери и 34 неизнудени грешки.

„Ролан Гарос“, резултати

(мажи)
Ивашка – Де Минаур 1:3
Накашима – Шаповалов 2:3
Пер – Нори 2:3
Шенг – Вариљас 2:3
Запата Мираљес – Шварцман 2:3
Дрејпер – Ечевери 0:1 (пред. Дрејпер)
Попирин – Карацев 1:3
Баутиста Агут – Ву 3:0
Оже Алијасим – Фоњини 0:3
О`Конел – Даниел 0:3
Ѓоковиќ – Ковачевиќ 3:0

(жени)
Деј – Младеновиќ 2:0
Канепи – Кијз 1:2
Контавејт – Пера 0:2
Осорио – Богдан 2:1
Пављученкова – Фрухвиртова 2:0
Јастремска – Векиќ 0:2
Плишкова – Стивенс 0:2
Вондрушова – Паркс 2:0
Марино – Шнајдер 0:2

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот