Ѓоковиќ и – не е можно!?

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Невакцинираниот Ѓоковиќ наводно стекнал привремена отпорност кон вирусот по природен пат, но сигурно е дека трајно го загуби имунитетот на доверба во него. Пред сè поради неодговорниот однос кон деца.

Првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ тренира во Мелбурн и се труди да заборави што се случуваше изминатата недела. Додека го фрла топчето во воздух, над главата му виси истрагата на австралиската влада. По неколку двојни сервис-грешки спроти турнирот, ритернот од спротивната страна овојпат може биде недофатлив.

Невакцинираниот тениски император имал лошо загревање за настап во Австралија, каде невакцинираните странци се непожелни во најсилниот пик на пандемијата. Притиснат од доказите, призна дека е лажно пополнет неговиот формулар за влез во земјата. Исто така, знаел дека е позитивен на ковид, a сепак примил новинарска екипа. Маската што притоа ја носел не му ја намалува одговорноста што требал да биде самоизолиран.

Можноста да биде депортиран за Ѓоковиќ е повторно актуелна, па дури и да му се суди за лажење на австралиските власти, иако ослободувањето од притвор личеше на пресврт што го забрза орото на неговите симпатизери во Мелбурн. Но „коло среќе се окреќе, викаат Србите. Претседателот Александар Вучиќ на почетокот го бранеше, за разлика од премиерката Ана Брнабиќ која пред два дена неодговорното однесување на нивниот сограѓанин го нарече „сива зона“.

Тенискиот Исус, прекар што го доби откако татко му изјави дека Новак бил „распнат“ на Божик, гревот со формуларот го нарече „човечки“, префрлајќи ја вината врз агентот што го пополнувал барањето за виза. Нејсе, погрешниот „икс“ покрена многу непознати и сомнежи за фалсификат. После сè, во ерата на спектакли и естрадизација на политиката не е исклучено од арената „Род Лејвер“ да биде изнесен со лисици. Да речеме, во финалето на турнирот. Под услов воопшто да заигра.

Ѓоковиќ тешко ќе го отплетка „јазолот на кој не е горд“. Иако не мораше, самиот си ги врза рацете. Тие катапулти и без антиковид-вакцина во рамото сè уште се доволно силни и вешти за да стаса до толку посакуваниот 21. гренд-слем. Се разбира, ако го прескокнеше овој турнир. Таа цел од перспектива на настаните во јужниот далечен континент сега изгледа многу подалечна, иако многумима сметаат дека тоа нема да му пречи, напротив, дополнително ќе го мотивира. Којзнае?

Харизмата на теренот и надвор од него не му помогна на Ѓоковиќ да го симне ореолот на неомилен владетел на светскиот тенис, а по овој инцидент се нагрби со дополнителна пизма. И шампионот според менталната сила ќе биде тешко да се урамнотежи по последниов психички дебаланс и да го издржи гневот од трибините по црната серија за него, неповрзана со тениската умешност – дисквалификацијата од „Флашинг медоуз“, организирањето на „Адриа тур“ кога половина Европа беше заклучена, изјава што го прави „носител број 1“ меѓу антиваксерите.

„Ако сакате да бидете лидер, мора да дадете пример кој е за доброто на сите. Сето ова можеше да се избегне, а којзнае како ќе заврши. Не можам да го бранам што не е вакциниран, мора да се жртвува за благосотојбата на сите“, му порача Мартина Навратилова, која има „само“ два гренд-слема помалку од него.

Ограничувања на правата и слободите на луѓето како нужно зло го ставија и спортот на жртвеникот на вирусот, но таа машина за пари не смее да запре, макар и со вакцини, сертификати и маски. Затоа само тројца се невакцинирани меѓу најдобрите 100 тенисери на светот. Оттаму, од изборот дали ќе биде имунизиран ќе зависи и дали Ѓоковиќ ќе го урне рекордот по број на гренд-слем титули, барем додека трае пандемијата. Зашто и биолошкиот часовник отчукува.

Невакцинираниот Ѓоковиќ наводно стекнал привремена отпорност кон вирусот по природен пат, но сигурно е дека трајно го загуби имунитетот на доверба во него. Пред сè, поради неодговорниот однос кон децата, кои иако заразен, ги наградуваше во неговата тениска академија. Погрешно дури и да бил несвесен во тој момент дека е опасен по околината. Затоа што претходно веќе правел брзи тестови (наводно биле негативни), откако дознал дека бил еден од контактите на заразениот кошаркар Брендон Хејс-Дејвис, за време на мечот Црвена звезда – Барселона.

Сè е можно во наредниот период, дури поради важноста за тенисот и за спортот да му се прогледа низ прсти и да го освои турнирот. И покрај сè, по непромислените потези ќе остане неверицата во очите на неговите навивачи: Ѓоковиќ и – не е можно!?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот