Гибралтар идеален противник за фудбалерите за поправање на впечатокот по поразот од Грузија

Македонската А фудбалска репрезентација/Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Фудбалската репрезентација на Македонија денеска од 18 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ против Гибралтар ги завршува настапите во јунскиот циклус во Лигата на нации.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски досега одиграа три натпревари и имаат половичен учинок, победа, реми и пораз. Посебно беше болен поразот од Грузија од 0:3 во четвртокот.

Иако поразот од Грузија, сè уште им е во мислите на фудбалерите, победа над аутсајдерот во групата 4 во дивизијата Ц ќе биде добредојдена за враќање на атмосферата во соблекувалната.

– По секој загубен натпревар нормално е да боли и нормално е да мислите на поразот. Но, тоа е минато и треба да гледаме напред. Мора да ги поправиме грешките од дуелот со Грузија. Јас во соблекувална не гледам дека некој не давал максимум. Тоа е фудбалот и некогаш се случуваат и такви работи. Треба да гледаме напред и да продолжиме кон целта. Атмосферата ќе се врати со добри резултати – смета капитенот Енис Барди.

Македонија и Гибралтар играа пред точно седум дена кога „црвено-жолтите“ ја запишаа засега единствената победа во новото издание на Лигата на нации.

– Последниот натпревар одигравме 60 мин на високо ниво, но ни недостасувапе тој завршен пас. Мора да бидеме поконкретни во последната линија. Доминантни сме, имаме посед, но, во таа завршна фаза мора да бидеме поконкретни. Зошто не сме поконкрентни во завршницата голема улога има формата на самите играчи. Тие се играчите исти кои постигнувале и по пет и по три бода. Факт е дека ни недоасуваше тој момент. Сите што се повикани ке добијат шанса,а тоа се однесува и за Етеми. По последните случувања сите се во комбинација и сигурно и Етеми ќе добие шанса на утрешниот натпревар – изјави Милевски.

Видео на денот