Ги стивна ли Макрон изборните каравани?

Во последно време како да стивнуваат изборните каравани на партиите. Партиските лидери не се појавуваат толку често на трибини со граѓани. Лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, го гледаме на прес-конференции, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пишува колумни и дава интервјуа, првиот интегративец, Али Ахмети гостува по телевизиски дебати. На терен на средбите со граѓаните е третиот партиски ешалон.

Последната изборна порака од висок партиски функционер на СДСМ слушнавме од Свети Николе кога заменик претседателката на партијата Радмила Шеќеринска порача  дека со враќање на ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе се обнови и стравот од поделбите, заканите и уцените. Со СДСМ, Македонија е на прав пат, рече Шеќеринска. Од Пробиштип пак, завчера пораката на висок претставник од партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ ја испрати генералниот секретар, Игор Јанушев. Тој порача дека Заев паѓа, а обновата на Македонија ќе започне по изборите на 12 април.

Во политичките кулоари се погласни се шпекулациите дека е можно избори на 12 април да нема, од причина што се чека да се комплетира ратификацијата на протоколот за НАТО и Макеоднија конечно да го заземе своето место во Алијансата. Друга работа која виси над главите на политичарите е дали после изборите ќе има време да бидат исполнети условите на францускиот претседател Емануел Макрон кои бараат ангажирање и од власта и од опозицијата. Ова од причина што Макрон најави дека во мај во Загреб ќе биде повторно разгледано прашањето за Македонија и Албанија за добивање датум за преговори со Унијата.

Шефот на државата Стево Пендаровски, по средбта со својот француски колега Макрон во Париз, информирше дека новата методологијата треба да биде усвоена до март, по што на Самитот на Унијата во мај во Загреб ќе има одлука за проширување. Според Пендаровски, одлуката останува неизвесна, иако бил уверуван дека Франција нема никакви нови услови за земјава за добивање на датум. Во разговорот со него, францускиот претседател не го ни спомнал Законот за јавно обвинителство.

Франција генерално, пред пролетниот Самит на ЕУ во Загреб ги испорача двата принципи- прогресивност и реверзибилнсот. Прогресивноста е земјите – кандидатки за ЕУ да сработат нешто и реверзибилноста ако, нешто успешно завршиле, а попат згрешиле, да бидат вратени од почеток.

Ќе има ли „патоказ“ за Македонија на 19 ноември во Брисел?

Средбата на министрите за надворешни и европски работи на ЕУ на 19 ноември треба да утврди некој вид патоказ за излез од ситуацијата на застој и блокада, не само за започнувањето на преговорите со Македонија и Албанија туку и политиката на проширувањето на ЕУ. Се очекува на состанокот кој ќе биде за подготовка на дебата и евентуални одлуки за пролетта 2020 година, Франција да ги претстави предлозите за реформа на процесот на проширување на ЕУ. Според неофицијални најави, за кои пишуваат медиумите од регионот, а кои доаѓаат од Париз, францускиот предлог најверојатно би бил земјите кандидатки да можат побрзо да ги користат придобивките на ЕУ во некои области каде што напредуваат, без да го чекаат полноправното членство. Од друга страна, процесот би бил реверзибилен, односно земја-кандидат би можела да изгуби некои бенефиции ако ја промени политиката или почне да назадува.

Покрај тоа, земјите членки треба да одлучат дали ќе побараат од Комисијата нов извештај за состојбата со реформите во Македонија и Албанија, како предуслов за дебата за започнување преговори, што најверојатно ќе се одржи на Самитот на ЕУ во март следната година.

Самитот на ЕУ во март е логичен момент за нова дебата на оваа тема, со оглед на донесената одлука дека европските лидери ќе се навратат на ова прашање „пред самитот во Загреб во мај 2020 година“.

Извори во Советот на ЕУ не ја исклучуваат можноста за реформите во процесот на проширување да се дискутира и на ниво на лидерите на Самитот на ЕУ кон средината на декември во Брисел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот