Ги прашавме Заев, Кирацовски и Ременски дали ќе дадат изјава во ОЈО за „Рекет“: Еве што одговорија – Слободен печат
ВестиМакедонија

Ги прашавме Заев, Кирацовски и Ременски дали ќе дадат изјава во ОЈО за „Рекет“: Еве што одговорија

Од Владата велат дека премиерот еднаш дал изјава, иако тоа беше пред објавувањето на снимките.

Никој од политичарите кои неофицијално се поврзуваат со аферата „Рекет“, засега не најавува дека ќе оди во Јавното обвинителство по сопствена волја да даде исказ во врска со аферата која деновиве ја тресе Македонија, иако вчера претседателот на државата Стево Пендаровски ги повика да го сторат тоа.

Во една од снимките кои ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“, се споменува името на премиерот Зоран Заев, односно, Бојан Јовановски му вели на Орце Камчев дека за него зборел со Зоки. Камчев прашува кој Зоки, и добива одговор Заев.

Од Владата објаснуваат дека премиерот уште на 17 јули годинава кажал дека му се обратиле одредени бизнисмени кои се пожалиле дека им се бара мито и тој го пријавил случајот.

„Премиерот во одговор на новинарско прашање го изјави следново: „Да, ми се обратиле бизнисмени кои не се од Скопје дека биле уценувани. Се знае како постапува секој граѓанин, така постапува и премиерот. Го пријавив тоа“, велат денеска од Владата, а на дополнителното прашања дали изјавата сепак може да биде попрецизна, бидејќи е дадена пред да се објават снимките, велат дека засега нема што да додадат.

Заев на Фејсбук напиша дека осомничените во разговорите му го злоупотребуваат името и отфрли било каква поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот „Рекет”.

Пендаровски во своето обраќање вчера рече:

– Освен кривично-правната одговорност, доколку има друга, било каква поврзаност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата. Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред  јавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери.

Иако во снимките што досега се објавуваат не се споменува име на некој висок фунционер од власта, сепак, за некои од нив во јавноста се постави сомневање за вмешаност во аферата „Рекет“.

Сомневањата за пратеничката Фросина Ремески се поставија, бидејќи таа е почесен член на Меѓународниот сојуз на Боки 13. На прашањето дали ќе го послуша советот на Пендаровски и ќе отиде во Обвинителството самоиницијативно да даде изјава, таа не дава одговор. Но, претходно објасни дека членството во невладината на Бојан Јовановски е од почесен карактер односно дека нема активна улога во работењето на организацијата, како и дека е на располагање на институциите да објасни нешто доколку се јави потреба.

И поранешниот генерален секретар на СДСМ Александар Кирацовски, за кого во јавноста исто така се шпекулираше дека е можно да е поврзан со „Рекет“ вели немам никаква врска со случајот.

–  Во врска со што да дадам изјава во Обвинителството, прашува Кирацовски.

– Како воопшто можам и смеам да се мешам, па уште и ијзва да дадам за нешто за што немам допирна точка – додава тој.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close