Ги прашавме граѓаните, што најмогу им недостасува после 16 часот? (ВИДЕО)

Борбата против вирусот KОВИД 19, ја принуди цела Македонија да остане дома и со тоа да помогне во справувањето против невидливиот непријател.

Согласно најновите мерки, кои наметнуваат воведување на полициски час на дневна основа од 16 часот, и комплетен полициски час за време на викендите, граѓаните деновиве, а посебно денеска се подготвуваа за 57 часовниот полицискиот час.

Ги прашавме граѓаните, што најмогу им недостасува после 16 часот?

 

Пензионерите се особено погодени од овие мерки, затоа што за време на вонредна состојба немаат исти права како и сите други, токму затоа што тие се најранливите. Во некои европски земји, со сите мерки на претпазливост, пензионерите можат да прошетаат на кратка прошетка, од кои многумина дури и ги пропишува лекар, но во овој момент не е познато колку е препорачливо.

За пензионерите навистина не е лесно. Голем дел од нив се навикнати на некои од нивните редовни активности, како што се игра шах во паркот со пријателите, или прошетка со внучињата.

А, не е лесно ниту за младите кои имаат можност само два часа дневно да излезат од дома. Периодот и тие мораат да се откажат од забавите, дружењата и шетањето со пријателите.

Паниката си го направи своето

Паниката си го направи своето, па сите од младо до старо излегоа од дома, кој на пазар, кој во маркет, кој во месара, сите по своето. Излеговме и ние, а интересно беше што забележавме голема редици и пред трафиките. Кога прашавме што чекаат, ни одговорија, да уплатиме лото.

Зошто излеговте сите уште од рано наутро, и им одземавте од двата часа на најстарите да испазарат?

 

10:50 е часот, екипата на Слободен печат е излезена на терен. Забележуваме метеж, како пред празник, ама никој не е расположен, недостасува празнична еуфорија. Сите брзаат и се нервираат. Забележуваме постара госпоѓа, ни кажа, дојдена е од Германија.

-Имаме само два часа да купиме се што ни треба, да одиме во аптека, во продавница. Со сопругот сме сами, немаме некој помлад да ни испазари. А времето е кратко. Видете ја оваа гужва, помладите треба да не остават нас да испазариме, после нека одат тие. Така и ќе се штитиме од вирусот, а и ќе си помогнеме едни на други, вели нашата соговорничка.

 

Времето поминува, нервозата расте, некои дури и не успеваат да влезат во маркет. Половина час пред затворање, на касите во еден поголем маркет чекаат наплата околу 30 купувачи, а надвор уште толку. Маркетот затвора, сите се бесни.

-Отворете до 3 работите.

-Работиме до 15, ама во 15 треба да затвориме, а не до тогаш да примаме купувачи, е одговорот од менаџерот.

Дека вирусот не одбира години, професија и социјален статус веќе е јасно. Доказ за тоа се имињата на еминентни доктори, директори, новинари и политички функционери, позитивни на коронавирус. Нема пари кои можат да помогнат ако ве нападне коронавирус, освен ако самите не се изборите со него, бидејќи до сега вакцина не е пронајдена, а со алтернативните лекови се шпекулира.

Затоа, почитувајте ги препораките, останете дома, во кругот на најблиските, спасете се себе, но и останатите.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот