Ги посетивме плажите во Охрид и Претор: Туристите во преполовен број, се сончаат на дистанца, но без маски (ФОТО+ВИДЕО)

Плажа во Охрид Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Според протоколите кои ги усвои Владата, покрај дистанца на плажа, потребно е да се одржува дистанца и во вода, што исто така е потешко да се применува и контролира, иако не забележавме посебно групирање на многу луѓе во вода, освен на мостовите каде се собираат повеќе лица и го чекаат својот ред за да скокнат во езерото.

Летната сезона е во полн ек и плажите во туристичките места ширум земјава се речиси полни. Сончањето и одењето на плажа, поради состојбата со ковид-19 годинава е превидено да се одвива по посебни протоколи како што е држењето физичка дистанца и носењето заштитни маски.

Слободен печат беше во обиколка на нашите туристички центри, Охрид и Претор. Бројот на туристи забележавме дека е преполовен, а иако некои плажи беа полни, сепак ситуацијата не може да се спореди со минатите години. Тоа го потврдуваат и сопствениците на кафулиња на плажи.

-Имаме многу помалку гости во однос на преходните сезони, но еве како што се приближува крајот на јули така сепак се зголемува и бројката на посетители – вели вработен на плажа во Охрид.

Плажа Охрид
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во однос на почитувањето на протоколите, според она што можевме да го видиме, постојат услови за почитување на физичката дистанца помеѓу луѓето, односно чадорите и лежалките се поставени на одредено растојание, но загрижува тоа што многу мал дел од посетителите на плажите носат заштитна маска.

На прашањето зошто на плажа не носат маски, дел од луѓето ни одговорија: Жешко ни е!

Кога станува збор за кафулињата на плажите, тие фунцкионираат исто како и останатите угостителски центри во градот, со тоа што вработените задолжително носат заштитна маска, но и самите тие велат дека е малку потешко да се контролира дали и гостите ги почитуваат протоколите.

На некои плажи во Охрид забележавме и редари кои ја набљудуваат ситуацијата.

Според протоколите кои ги усвои Владата, покрај дистанца на плажа, потребно е да се одржува дистанца и во вода, што исто така е потешко да се применува и контролира, иако не забележавме посебно групирање на многу луѓе во вода, освен на мостовите каде се собираат повеќе лица и го чекаат својот ред за да скокнат во езерото.

Како што од претходно известија од Хотелската асоцијација на Македонија ( ХОТАМ), на поголемите плажи обезбедувањето е тоа кое треба да следи дали се почитуваат мерките и дали присутните носат заштитни маски, но на терен ситуацијата е поинаква и тоа е нешто што навистина потешко се контролира.

Плажа Сливница, Преспа
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Плажа Сливница, Преспа
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Токму поради тоа, претседателот на ХОТАМ, Крсто Блажевски, претходно во изјава за Слободен печат рече дека хотелиерите ќе побараат помош и од полициски службеници, кои не ги забележавме на ниту една плажа.

-Потребна е надворешна контрола за гостите, бидејќи е малку тешко да се контролира кој од нив ќе носи маски, а кој не. Потребно е да има присуство на полициски службеници, односно да го олеснат тој процес на контрола, со тоа што ќе треба само да поминат по некоја од плажите, па кога гостите ќе ги здогледаат тие самите веднаш ќе се однесуваат поинаку. Ќе треба и самите полициски службеници да имаат право да им пишуваат казни на оние кои не носат маски –  изјави Блажевски.

Плажа Охрид
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Согласно протоколите, потребно е на плажите да има и плакати кои ќе ги потсетуваат присутните за тоа дека мора да ги почитуваат мерките за Ковид-19, меѓутоа, вакво нешто можевме да видиме само на неколку плажи.

За разлика од Охрид, во Претор сликата е поинаква. Бројот на туристи на неколку плажи во Претор е многу мал, а локалните работодавци на плажите велат дека воопшто не се задоволни од досегашната посетеност. Годинава во Претор ниту кампувањето не е актуелно, па така луѓето кои издаваат камп приколки велат дека оваа сезона бројот на посетители на камповите е преполовен.

Плажа Претор
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Неносењето на маски на плажа е тренд и на плажите во Претор. Со самото тоа што има мал број на туристи не забележавме да има групирање, а се почитуваат и протоколите за држење на два метри растојание помеѓу лежалките, како и четири метри помеѓу индивидуалните чадори.

Плажа Претор
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот